МОН уште брои колку деца немаат компјутер

Фото: МИА

Учењето од дома заради заканата од коронавирусот трае веќе три недели, а Министерството за образование и наука се уште нема точен податок колку ученици немаат услови да ја следат наставата по електронски пат, ниту понудило решение за нив. Основното и средното образование се задолжителни по закон и наставата за време на вонредната состојба се одвива преку апликации на компјутери и мобилни телефони, но илјадници деца од разни причини засега се надвор од образовниот процес.

Од Министерството за образование во четвртокот побараа училиштата итно да им испратат информации за тоа колку деца не можат да ја следат наставата и се уште ги собираат одговорите.

– Училиштата се уште доставуваат податоци до МОН, така што по целосното комплетирање и нивна обработка, заедно со локалните самоуправи ќе подготвиме соодветно решение за надминување на предизвикот и за вклучување на сите ученици во далечинско учење – велат од Министерството за „Слободен печат“.

МОН побара родителите да одговорат дали дома имаат барем еден компјутер или паметен телефон и поврзаност со интернет, како и дали се корисници на социјална помош и дали евентуално имате уште некој проблем како на пример, еден компјутер, повеќе деца во семејството итн.

Во Македонија има околку 250.000 ученици, односно 180.000 основци и 70.000 средношколци. Не се знае колку од нив немаат компјутер и интернет, но ако во 2017 година според Државниот завод за статистика имало 14.700 малолетни корисници на социјална помош, како и 26.000 домаќинства, може да се заклучи дека илјадници деца во моментов немаат основни средства за да учат.

Но, и онаму каде има средства, недостигаат други ресурси како време, простор, добра интернет врска, квалитетен уред, меморија на уредот за да се фотографираат задачите и да се инсталираат апликациите за видеоконференциски врски, доволно уреди за сите во семејството итн. Недостигаат и нерви на родителите, кои периодов принудно станаа наставници и учат дома заедно со своите деца, при што могумина од нив истовремено и работат од дома.

– Материјалот што ни го испраќаат наставниците е обемен, а треба да е скратен. Треба да се има разбирање за состојбата во која сме сите. Наставниците не може да ни ја испраќаат целосната програма која децата би ја учеле ако одеа редовно секој ден на настава во училница. Невозможно е тоа да се совлада во домашни услови. По цел ден учиме и пишуваме домашни, фотографираме, праќаме мејлови. Сите сме под силен стрес. Зарем не може сега да се скрати наставната програма, па од есен да се надополни – прашува една мајка.

Освен родителите, со разни проблеми се соочуваат и наставниците. Дел од нив дома немаат лаптопи или таблети преку кои можат да ја организираат онлајн наставата, па се принудени да купуваат нови или половни уреди или да позјамуваат од пријатели. Многу наставници истовремено се и родители и за нив е невозможно од еден уред да постигнат и настава и учење од дома.

Во меѓувреме, дел од училиштата пријавија и дека добиле компјутери како донации од хумани граѓани и општествено одговорни фирми кои ќе бидат поделени на децата што дома немаат никакви електорнски уреди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот