МОН „пушти срце“: Учебниците може да се печатат, ама не смее од тоа да се прави „бизнис“

Колаж: Мила Царовска, учебници / Фото: Архива на „Слободен печат“

Бирото за развој на образованието (БРО) им дозволи на децата од четврто одделение да користат печатени учебници, но родителите ќе треба сами да си ги печатат и да платат за тоа, но тоа не смеат да го прават издавачки куќи или фотокопирници и од тоа „да прават бизнис“.  

Ајше Ајрулаи, раководителка на сектор во БРО, за „Слободен печат“ изјави дека дигиталните учебници имаат опција за печатење и секој може тоа да го стори доколку сака.

– Дискутиравме за тоа. Не смее да се прави бизнис и учебниците да се копираат од страна на издавачки куќи. Материјалот може да се користат онлајн, но ако имаат потреба може да си го отпечатат. Учебниците треба да се користат како електронски верзии. Доколку некој сака да го отпечати, може да го стори тоа затоа што апликацијата ја дава таа можност. За социјалните случаи, Министерството додели одреден процент на печатени учебници, мислам дека беа 20 отсто. Дури и таблети се доделија на одредени ученици. Сите други треба онлајн да ги користат учебниците – вели Ајрулаи за „Слободен печат“.

По информациите дека во некои книжарници се продаваат комплет учебници за четврто одделение, кои ги има во дигитална форма, неодамна на прес-конференција министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека просветните инспектори се постојано на терен за да контролираат дали се користат фотокопирани учебници за четвртоодделенците. Таа рече дека таквата продажба е кршење на правата на авторите, а МОН никому не му издало одобрение да ги печати или да ги продава дигиталните учебници.

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“, чија фејсбук-група брои 80.000 членови, минатиот месец побараа повлекување од употреба на материјалите за учење за прво и за четврто одделение според новите наставни програми. Тие тогаш велеа дека сами си ги купуваат фотокопираните скрипти, по цена од 1.400 денари од приватни фотокопирници. Исто така се пожалија дека во учебниците има задачи со содржини во боја, но тоа не е така кај црно-белите фотокопии. Активистите додаваат дека во многу од училиштата, дигитализацијата на наставата не се ни спроведува поради немање услови за настава. Ова особено е видливо во руралните средини, каде што сè уште нема ни интернет, а уште помалку смарт-табли, што се потребни за следење дигитална настава.

Родителите реагираат и на наставните содржини во некои од учебниците. Тврдат дека тие изобилуваат со пристрасни, необјективни и ненаучни содржини, како и произволни историски интерпретации. Забелешки има и за обемот на некои од учебниците. На пример, учебникот по математика за четврто одделение е поделен на три книги и има околу 500 страници, велат родители што ги отпечатиле дигиталните учебници.