МОН објави огласи за автори и илустратори на материјали за учење за прво одделение

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Министерството за образование и наука објави огласи за изработка на материјали за учење и за ликовни илустратори односно графички дизајнери за изработка на илустрации за деца, со што почнува подготовката на материјалите од кои ќе учат првоодделенците од учебната 2021/2022, согласно со новата Концепција за основно образование.

Сите содржини во материјалите за учење, како што соопшти МОН, треба да се базирани на современи, научно засновани и релевантни сознанија, а сите примери и активности да бидат креирани на начин да се интересни за учениците и да се во релација со нивните искуства. Исто така, ликовните илустратори/графичките дизајнери треба да соработуваат со авторските тимови кои ќе работат на подготовка на материјали за учење. На тој начин ќе се овозможи нивна квалитетна визуализација, што е значајно за учениците од прво одделение.

Наставните материјали со текстуалната и визуелната содржина треба да овозможат совладување на основните вештини по одделните наставни предмети. Основната цел на новата концепција, посочува Министерството, е во фокусот на образованието да бидат учениците, односно преку квалитетна настава кај децата да се развие критичко размислување, креативност и граѓански вредности.

Наставните материјали се изготвуваат согласно наставните програми за прво одделение, кои се усогласени со Концепцијата за основно образование и со сите стратегии и пристапи на настава и учење коишто се промовираат со неа.

– Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, како носител на процесот, очекуваат и повикуваат на огласите да се јават искусни практичари кои ќе понудат креативни материјали и илустрации соодветни на возраста на учениците и на барањата за постигнување на резултатите од учење определени во секоја тема од наставните програми, наведува МОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот