МОН најавува нови учебници и дидактички материјали, родителите збунети за својата улога

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Во пандемиски услови кога наставата во најголем дел се одвива онлајн и образовниот систем се соочува со многу новости и сериозни предизвици, од Министерството за образование и наука информираа дека врз основа на искуства и практики од неколку странски земји, од следната учебна година ќе се воведат реформи во основото и средно образование во земјата.

– Министерството за образование и наука формираше работна група којашто развива концепт на целосна и суштинска промена на наставните и дидактичките материјали за основно и средно образование – велат од МОН.

Според овие информации, целта е да се воведат суштински промени во начинот на учење, односно покрај сувопарното предавање, да се воведе подинамичен процес, во кој учениците преку истражувања сами дополнително ќе го збогатуваат знаењето.

Новиот систем покрај учебници ќе се служи и со разни дидактички материјали

Работната група е составена од претставници од Министерството за образование и наука, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието како и претставници од меѓународни институции и граѓанскиот сектор, велат од МОН на прашањето за тоа кој се е дел од изготвувањето на новиот модел за основно и средно образование.

Она што е посебно интересно, а кое во иднина ќе треба да се увиди како ќе функционира во пракса, всушност се дополнителните материјали, кои дополнително, освен учебниците, ќе им бидат од корист на учениците во процесот на нивното учење.

– Групата веќе работи на анализа на најдобрите искуства и практики од неколку европски, скандинавски и земји од регионот, врз основа на која ќе се изготви целосно нов систем за унапредување на квалитетот на наставата кој подразбира не само употреба на учебници, туку и изработка и употреба на разни видови наставни и дидактички материјали за наставниците и учениците – додаваат од МОН.

МОН ќе креира нов модел на образование – ќе се напушти традиционалниот начин на учење

Конкретно во врска со учебниците, од МОН истакнуваат дека се можни промени и реформи, кои ќе бидат извршени во консултации и преку дебати со сите засегнати страни.

– Реформата во делот на материјалите од кои децата ќе учат ќе се прави во широка консултација со сите засегнати страни, истовремено со реформите на основно и средното образование, а планот е да се воведе од следната учебна година – заклучија од МОН.

Родителите збунети за својата улога во новиот систем

Многу е убаво тоа што децата ќе погледнат надвор од учебниците и ќе бидат покреативни на часовите, но претпоставувам дека тоа ќе вклучува повеќе практична работа и вежби кои учениците ќе треба да ги вршат од дома, што значи дека повторно се отвора работа и за родителите, смета Марија Митрева, родител на седмооделенец од Скопје.

Новостите во моделот за основно и средно образование би требало да почнат да се имплементираат од наредната учебна година, но Митрева потенцира дека никој не е сигурен оти и следната година учениците ќе се вратат на училиште, па изрази сомнение во функционирањето на новиот модел.

-Не знам како тоа би изгледало кога ученикот е дома, а наставникот од другата страна на компјутерот. Убаво е што се размислува за позитивни реформи, меѓутоа, верувам оти на овој начин со работа од дома дополнително ќе се отежне функцијата на родителите, кои сега ќе треба да одделат повеќе часови од своето време за учење со децата – додава Митрева.

Онлајн наставата и натаму сериозен предизвик за наставниците и родителите

Уште еден родител се согласува со нејзиниот став, додавајќи дека никој не става акцент на родителите, односно на нивниот труд во онлајн учењето.

-Во нормални околности се потребни промени и тоа големи, но во време кога родителот е клучна алатка во објаснувањето на сето она што го презентира наставникот, тогаш не знам колку тоа ќе ни помогне и на нас и на учениците во зголемувањето на опсегот на нивните знаења. Не ми е јасно која ќе биде точната улога на родителите, но со зголемувањето на практичната работа на учениците, логично е дека учениците ќе имаат поголема потреба за помош во совладувањето на задачите во домашни услови вели овој родител кој сакаше да остане анонимен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот