МОН: Градоначалникот на Гостивар да не ја вклучува политиката во образовниот процес

Архива на

Министерството за образование и наука го повика градоначалникот на Гостивар да не ја вклучува политиката во образовните процес.

Оттаму објавија соопштение во врска со ситуацијата со основните и средните училиште во Гостивар.Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Имајќи предвид дека повторно се актуелизира темата поврзана со разрешувањата и именувањата на директорите на гостиварските основни и средни училишта, Министерството за образование и наука има должност повторно да појасни дека е институција која не постапува самоволно и по желба на поединци, туку постапува исклучиво во согласност и со почитување на правните прописи во земјата и на одлуките на останатите институции, органи и тела задолжени за контроли, надзори и донесување на решенија за ситуации, како конкретно настанатата во општина Гостивар.

Имено, како што јавноста е веќе запознаена, по спроведени инспекциски надзори од страна на Државниот просветен инспекторат констатирани се низа нерегуларности и непочитувања на законите од страна на градоначалникот на општина Гостивар и на локалната самоуправа, во постапките за разрешување и именување на директори на училишта. Станува збор за нерегуларна постапка која тој ја повторил два пати што всушност е и основ за одземените ингеренции на општината во областа на образованието и задолжување за градоначалникот за враќање на состојбите во првобитниот статус.

Образованието е сфера во која политиката не смее да се интегрира и да предизвикува штети по однос на образовниот процес на учениците. Образовните институции мора да имаат раководни лица кои нема да дозволат во ниеден момент и по ниеден основ да биде нарушен процесот на едукација и воспитување на учениците.

Затоа, Министерството за образование и наука согласно преземените ингеренции од општина Гостивар и почитувајќи и постапувајќи по одлуките на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, со кои се усвојуваат жалбите на незаконски разрешените директори на училиштата во Гостивар, донесе решенија за нивно враќање на работните позиции од кои биле незаконски разрешени.

Министерството за образование и наука е должно да ги почитува одлуките на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и да постапува по однос на истите, што значи дека донесените решенија се всушност постапување согласно одлуки на Второстепена комисија.

Уште еднаш апелираме до Општина Гостивар, градоначалникот на оваа општина и до нејзиното раководство да не обвинуваат паушално и лажно само заради нивните политички цели и да не ја вклучуваат политиката во воспитно-образовниот процес, бидејќи во оваа ситуација штета се нанесува единствено на учениците и на воспитно-образовниот процес“, стои во соопштението на МОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот