МОН бара од учениците решение за лого, фотографија и име на платформата за онлајн учење

Министерството за образование и наука (МОН) објави јавен повик за избор на идејно решение за лого, насловна фотографија и официјален назив на Националната платформа за учење на далечина.

Мотото на повикот е „Од учениците, за учениците”, и е отворен за учениците од сите основни и средни училишта во Република Северна Македонија. Тие можат да учествуваат индивидуално или во групи до четворица ученици, со поднесување на едно или најмногу три идејни решенија.

Со овој повик, како што се наведува во соопштението, МОН се обраќа до учениците, кои ќе бидат најголеми корисници на Единствена национална платформа за учење на далечина, којашто е предвидена со Планот за започнување на учебната 2020/2021 година. Преку Платформата ќе се реализира учењето на далечина, и ќе се овозможи разработка и совладување на материјата предвидена во наставните програми за сите одделенија во основното и средното образование, преку одржување двонасочна комуникација на едноставен и прифатлив начин за сите.

Национална платформа за учење на далечина е чекор напред во дигитализацијата на националниот образовен систем во Република Северна Македонија. Определен како висок приоритет во програмата за работа на Владата, МОН го интензивираше процесот на дигитализација во изминатите неколку месеци поради потребата од интервентно делување и вложување дополнителни напори за организирање на непречена формална едукација на учениците во вонредни околности и нетипични услови кои ги наложи појавата на пандемијата со Ковид-19.

Идејните решенија се доставуваат на електронската адреса [email protected], најдоцна до 22 септември 2020 година (до 16:00 часот).

Најдобрите пет решенија ќе бидат поставени на официјалната страница на Националната платформа за учење на далечина, на јавно гласање на учениците. Решението со најголем број освоени гласови од учениците, ќе биде избрано за официјално, додека за авторот/авторите ќе следува пригодна награда обезбедена од МОН и УНИЦЕФ.

Повеќе информации за јавниот повик може да се најдат на веб-страницата на Министерството за образование и наука, на следниот линк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот