Молкот на ОЈО – заштита на криминалот

Трифун Костовски/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

За случајот со Еуростандард банка Основното јавно обвинителство, кое е столб на вистинската борба против организираниот криминал и корупција во земјата, денес молчи.

Несомнен е фактот дека и кај нас луѓето, најинтелигентните и најпрогресивните суштества на земјината топка каде што правдата, хуманоста и емпатијата треба да се највозвишените вредности, за жал понекогаш и животински инстинкт полн со гнев може да излезе од нас луѓето.

Четири и пол години наназад пишувам за пропустите кои Народна банка ги направи при носењето во стечај на Еуростандард банка. Да биде јасно, Народна банка е регулатор на банкарскиот систем и со Законот за банки, по коишто таа „владее“ во Република Македонија, има утврдено инструменти кои мора да ги применува за стабилизирање на банкарскиот сектор.

Денес и птиците знаат дека чинот со кој се однесе Еуростандард банка во стечај е направен тенденциозно.

На мое големо задоволство и сатисфакција, од моите сограѓани секојдневно добивам поддршка да издржам во неправедната борба, како лична така и колективна, бидејќи правдата е на моја страна.

Народна банка не ги употреби следните инструменти:

1. Инструментот вонредни мерки, што во основа значи одземање на лиценци на членови во Надзорниот и Управниот одбор и директори на сектори во банката, како и изрекување на строги казни. Ниту еден член од сите тела во Еуростандард банка не беше оспорен ниту казнет од страна на Народна банка.

2. Вториот инструмент којшто е уште посилен е инструментот администрација, што значи преземање на банката од страна на Народна банка и во рок од 12 месеци после длабински анализи да се утврди дали Еуростандард банка треба да оди во стечај или да остане во живот. Вакво нешто не се случи.

Основното јавно обвинителство, кое е столб на вистинската борба против организираниот криминал и корупција во земјата, денес молчи. Пред неполни 6 месеци издадов книга под наслов „Мојот непокор“ во којашто се запишани сите мои колумни поврзани со стечајот на Еуростандард банка во изминатите 4 години.

На сите институции како ОЈО, Судски совет и други кои се занимаваат со борба против криминалот, на секој член, судија и обвинител, подарив по една книга од ова издание. Молкот и натаму царува. За жал, заклучокот е еден. Криминалот и корупцијата во Македонија се длабоко вкоренети во нашето секојдневие.

Пред неполни две години, направив приватна ревизија за стечајот на Еуростандард банка. Јавноста беше детално информирана. И тогаш ОЈО молчеше, иако беше официјално покането да присуствува на самиот чин на нејзиното објавување од страна на еминентниот ревизор од светски маштап, господинот Драго Кос.

Дека Еуростандард банка беше однесена во стечај по нечиј налог е повеќе од јасно. Денес речиси сите правни и физички лица се обесштетени, а доколку некое правно лице не е обесштетено тоа повеќе се должи на личниот пристап на стечајниот управник, бидејќи за целиот тој состав којшто го води стечајот во изминативе 4,5 години, Еуростандард банка е „шведска маса“ за гоштавање.

Неисплатените обврски кон правните и физички лица се помалку од еден милион евра, додека цената за водење на целиот овој стечај во изминатите 4,5 години е близу 6 милиони евра потрошени средства. Повторувам, близу 6 милиони евра средства на банката!

Ја поддржувам Владата на Република Македонија во нејзината борба за справување со ова општествено зло, организиран криминал и корупција.

Проблемот на сузбивање на ова зло ни најмалку не е едноставен, бидејќи во него се инволвирани добро организирани криминогени групи, заедно со политички субјекти. Го молам Господ да ми даде трпение да го издржам овој период, бидејќи чувствувам како гневот во мене надвладува поради анксиозноста на нашиот систем да застане на страната на правдата.

Деновиве бев информиран дека не само банките во странство, туку и домашни банки одбиваат да бидам нивен клиент. Причината е многу јасна. Јас сум акционер на пропадната банка, против кого се води истрага полни 4 години, со замрзнат имот кој не смеам да го оттуѓувам, ниту стопанисувам. Со еден збор, човек на кого му е измислено и натоварено криминално досие токму од криминалци. Најболното за мене, што ми се случува токму од моите Македонци, во мојата сакана Македонија.

Генерално ова е голема брука, што би рекле народски, „резил” за едно општество. Никогаш нема да престанам со мојата лична борба, зашто е за општо добро. Не се предавам, продолжувам.

(Текстот е личен став на авторот)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот