Молк во Бугарија пред утрешните парламентарни и претседателски избори

избори во бугарија
Избори во Бугарија - / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Денес е предизборен молк во Бугарија пред утрешното гласање на третите по ред годинава вонредни парламентарни избори, а ќе се гласа и на редовни претседателски избори.

На претходните парламентарни избори што се одржаа во април и јули ниту една политичка партија не успеа да обезбеди доволно парламентарно мнозинство за формирање стабилна влада.

И сега не се очекува дека некоја партија ќе освои самостојно мнозинство, па Бугарија веројатно ќе се соочи со нови тешки преговори во националното Собрание за формирање коалиција.

Според испитувањата на јавното мислење, седум политички партии би можеле да го поминат прагот од 4% освоени гласови и да си обезбедат место во законодавниот дом. Иако нема да биде воопшто лесно, аналитичарите очекуваат овој пат политичарите да успеат да формираат влада.

Неуспехот да се состави нова влада потенцијално ќе ги забави и плановите на Бугарија да го усвои еврото како валута до 2024-тата година и ќе го одложи усвојувањето на мерките за ублажување на енергетската криза.

Партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов води во изборните анкети, со поддршка од околу 24% од гласачите, но ѝ недостасуваат очигледни сојузници, пред сѐ поради сомневањата за коруптивно работење на Борисов и неговите најблиски соработници.

ГЕРБ беше причина за голем број протести кои на претходните вонредни избори доведоа и до голем број гласови за новите партии формирани како резултат од незадоволството на граѓаните.

„Продолжуваме со промените“, новата партија предводена од двајца поранешни министри во техничката влада, Кирил Петков и Асен Василев, образувани на Харвард, е втора во анкетите , со нагорен тренд на поддршката, пред сѐ поради најавите за силна борба против корупцијата.

На трето место во анкетите се Социјалистите, а за двете партии се декларираат околу 15 до 16 отсто од анкетираните.

Бугарите овој пат гласаат и за претседател на државата. Актуелниот шеф на државата, Румен Радев, го бара вториот петгодишен мандат и предвидувањата се дека ќе го добие, но по вториот круг од гласањето против ректорот на универзитетот во Софија, поддржан од ГЕРБ, Анастас Герџиков.

ВИДЕО | Панов, кандидат за претседател на Бугарија: Разумот треба да проговори, емоцијата треба да се канализира

Повеќе од 6 милиони и 700.000 Бугари имаат право на глас, но сите анкети предвидуваат дека голем дел од нив ќе останат дома поради разочараноста од политичките лидери и поради пандемијата со ковид-19 и растечкиот број заразени и починати од болеста. Во рамките на Европската унија, неделниот просек на починати од ковид на милион жители изнесува 3,1, во Бугарија тој е 24.13.

Бучковски: Изборите во Бугарија се исклучително важни за Северна Македонија и преговорите со ЕУ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот