Молчењето не е секогаш злато

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Во фокусот на минатата недела од економските настани беше натегањето со министерот за финансии Драган Тевдовски да каже колку пари досега се добиени од прогресивниот данок. Овој данок го плаќаат оние што месечно заработуваат повеќе од 90.000 денари, така што за тој износ плаќаат персонален данок од 18 отсто, за разлика од сите други што плаќаат по 10 отсто.

Министерот Тевдовски понуди многу одговори од типот „тркалезно па на ќоше“. Тој рече дека „во првите 5 месеци од годинава, наплатата на данокот на личен доход е за 17,4 отсто поголема во однос на лани, што ги надминува очекувања, кои беа дека по воведување на праведниот данок, наплатата ќе биде за околу 8 отсто повисока“. Исто така, на инсистирање на новинарите да го каже износот во бројка, Тевдовски рече и дека „даночната реформа е проектирана да биде умерена, но ако се комбинира со социјалната реформа тогаш имаме сериозно намалување на нееднаквоста“.

Во овие одговори, сепак, изостана бројката – колку пари се добија од прогресивниот данок.

Од даночната реформа, дефинитивно никој не очекуваше чуда. Министерот за финансии уште на почетокот кажа дека станува збор за 25 милиони евра на годишно ниво. Можеби, на крајот од годината, во Буџетот ќе влезат толку пари, а можеби и не. Секако, за најсиромашните, бројки во десетици милиони евра, се добродојдени пари. Но веројатно за некое поголемо намалување на сиромаштијата, ќе требаат и многу повеќе пари.

Како и да е, колку пари и да се собрале, Тевдовски нема право да молчи за нивниот износ. Не секогаш молчењето е злато. Некогаш молчењето е одговор, поголем и од самиот неодговорен факт. Па како тогаш сега ова бегање од бројката да го протолкуваме. Министерот се плаши да ја соопшти бројката за да не предизвика разочарување, или пак, не ѝ верува на „неуката јавност“ дека ќе ја разбере комбинацијата на даночната со социјалната реформа?!

Прогресивниот данок, СДСМ уште во време на опозиција го најави и тоа е нивниот главен адут во враќањето на средната класа. Сигурно дека средната класа не може да се создаде преку ноќ, па ниту за две години. Но, сепак, мозаикот веќе треба да почне да се составува. Треба да се даде отчет и за персонален данок, за неговата прогресија и за социјалната реформа, секако и тука низ бројки – колку сиромашни граѓани по колкав износ ќе добијат.

И на крајот, не само низ бројки, реформите треба да бидат видливи во секојдневието – низ пазарувањето, посетувањето културни настани, патувањето…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот