
Молбата за повлекување на обвинителката аргумент плус на Владата против Коцевски
Владата го искористи барањето, односно молбата што ја испрати обвинителката Наташа Крстевска Цалева со која бара да биде ослободена од раководната функција во скопското Вишо обвинителство и оттаму велат дека нејзината молба е доволен показател дека републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски за кој се води постапка за разрешување, постапил спротивно на законите.
Препорачано
На нашето прашање како ја коментираат изјавата на Коцевски дека од она што е сега објавено тој не гледа дека направил тешка дисциплинска повреда како што е предвидено во Законот за јавно обвинителство, од Владата како аргумент го посочуваат барањето на Цалева која со една реченица побара да биде ослободена затоа што сакала да се посвети на предметите кои ги работи.
-Во однос на изјавите на јавниот обвинител, можеме да кажеме дека тие се побиваат со самиот факт што обвинителката, која беше поставена за вршител на должност, шеф на Вишото јавно обвинителство, сама поднела молба за нејзина промена од таа позиција, што е доволен показател дека јавниот обвинител, постапил спротивно на законите. И, се разбира, тука се и други скандали за кои сведочи целокупната македонска јавност, а кои се однесуваат на тешка дисциплинска повреда – велат од Владата за „Слободен печат“.
Молбата на обвинителката вчера беше прочитана на седницата на Советот на јавни обвинители и во неа таа наведува дека бидејќи од скоро време е во Вишото јавно обвинителство и сака да се посвети на предметното работење, бара да биде ослободена од обврската за раководење со ова обвинителство и неа да ја преземе друг обвинител.
Коцевски вчера присуствуваше на седницата на Советот на јавни обвинители каде го чекаше молбата од обвинителката Наташа Крстевска Цалева која пред една недела беше назначена да раководи со скопското Вишо обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрулахи.
На прашањето дали можеби политички притисоци се причина за барањето на обвинителката да биде ослободена од раководното место, Коцевски рече дека таа досега не се обратила воопшто до него и барањето го видел на денешната седница.
-Јас не сум известен од нејзина страна за овој поднесок, молба барање, така да сега дознав од претседателката на Советот на јавни обвинители. Мене не ми кажала ништо така да јас бев сега изненаден. Не знам кои се вистинските причини, дали е ова што денес стоеше во писменото барање со оглед на тоа дека се работи за една реченица, дека бара да биде ослободена од вршење на овие обврски за да се посвети на предметно работење – рече Коцевски.
За неговата постапка за разрешување тој рече дека ќе го чека целосниот предлог на Владата кој треба да биде доставен до Советот на јавни обвинители, но вели дека од она што го видел во јавноста нема никаква тешка дисциплинска повреда.
– Доколку се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јас ќе си ја преземам одговорноста и доколку се утврди дека се работи за тешка дисциплинска повреда како што е во Законот, јас навистина ќе се повлечам, доколку јас ценам од она што ќе го добијам, предлогот, иницијативата. Од она што го слушнав во јавноста, што да коментирам освен дека тука нема никаква дисциплинска тешка повреда – рече Коцевски.
На владина седница вчера беше усвоено мислењето на Министерството за правда и Владата го задолжи Министерството за правда сега да изготви предлог за разрешување на Коцевски.
-Владата го го разгледа мислењето и согласно процедурите до Владата, се доставува предлог од Министерство за правда, кој повторно поминува низ владини процедури и така усогласениот предлог Владата го испраќа до Советот на јавни обвинители – велат од Владата.
Владината портпаролка, Марија Митева изјави дека целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на ЈО, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите.
-Ваквите состојби се комплетно спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности. Овде не станува збор само за перцепција само на Владата, ова е констатирано од стручна јавност, констатирано е во извештаи кои имаа конкретни, мерливи и објективни показатели. Во оваа смисла, Владата цени дека придонесот од јавниот обвинител за овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди во неговото постапување и извршување на функцијата. Овие дејствија со кои се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство со што е направено намерно и неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со кои што ќе побараме разрешување на Јавниот обвинител пред истекот на мандатот. Дополнително како Влада цениме дека јавниот обвинител покрај правна одговорност, подлежи или би требало да подлежи и на поширока општествена одговорност, особено пред органот кој што го избрал, а пред се пред граѓаните чии интереси треба да ги штити – рече Митева.