Моќникот зад популарноста на младата активистка: „Зелениот“ капитализам ја користи Грета Тунберг

Фото: Профимедиа

Пред одреден период, 16-годишната Швеѓанка со Аспергеров синдром се најде во центарот на вниманието на меѓународните медиуми. За да се слушне нејзиниот глас, таа штрајкуваше. Сепак, нејзината кауза е оправдана. Грета сака да испрати порака на милијардерите и политички моќници, без разлика од која страна на светот, барајќи од нив да ги почитуваат ветувањата за климатските промени. Нејзините говори ги инспирираа речиси сите активисти за животна средина ширум светот, пишува во својата колумна Изабел Латард.

– Не сакам да се надевате, сакам да сте во паника. Сакам да го почувствувате стравот кој јас го чувствувам секој ден. И потоа сакам да делувате. Да делувате како да сте во криза. Да делувате како вашата куќа да гори, бидејќи навистина гори. Сѐ уште имаме мала шанса да ги запреме гасовите и да спасиме голем дел од популацијата на нашата планета кои страда – кажа во една прилика тинејџерката.

Но, зад овие моќни моменти, можеме да го најдеме шведскиот генијалец за односи со јавност, Ингмар Ријенцог. Другата страна на „бајката“ не е толку убава, но е многу интересна, пишува во својата колумна Изабел Латард.

Ингмар Ријенцог/Фото: Профимедиа

Сè беше внимателно испланирано за трансформација на младата Швеѓанка во меѓународна хероина

Приказната на Грета Тунберг започнува на 20. август 2018 година. Ингмар Ријенцог, еден од создавачите на старт-ап бизнисот „Немаме време“(We don’t have time), ја среќава Грета пред шведскиот Парламент и објавува емотивна порака на неговата Фејсбук-страна. Тоа е на првиот ден од штрајкот на Грета. На 24. август е објавена автобиографијата за кризата во семејството Тунберг и за климатската криза. „Сцени од срцето“ (Scener ur hjärtat) е напишана од мајката на Грета, Малена Ернман, нејзиниот татко Саванте Тунберг, сестра ѝ Беата и Грета. Нејзините родители се артисти – пејачка во опера и глумец – добро познати во Шведска. Грета, од другата страна, сѐ уште не е.

Всушност, Ингмар Ријенцог и семејството на Грета веќе се познаваат, учествувајќи на конференција за клима на 4. мај 2018 година. Средбата меѓу Ингмар и Грета на тротоарот пред Парламентот во Стокхолм воопшто не бил случаен, смета авторката.

Сѐ било внимателно испланирано за младата Швеѓанка да се трансформира во меѓународна хероина, уште од моментот кога се појави првата колумна во најчитаниот весник во земјата, „Афтонбладет“ – само неколку часа по Фејсбук-објавата на Ријенцог.

„Немаме време“, старт-ап бизнисот на Ријенцог основан во 2016 година, има за цел да креира социјална мрежа на повеќе од 100 милиони членови кои ќе влијаат врз политичарите и бизнис-лидерите да направат повеќе за климатските промени. Тоа барем го пишува на нивната веб-страна.

Тука приказната станува уште покомплицирана, смета авторката Латард. Меѓу акционерите во старт-ап бизнисот, се наоѓаат ченови на две меѓусебно поврзани семејства: Персон, децата на милијардерот Свен Олоф Персон, кои го заработија своето богатство со продажба на автомобили, и Ријенцог. Двете семејства на инвеститорите немаат никаква поврзаност со екологијата, тие се специјалисти за финансии.

Спас на планетата со продолжување на економскиот раст и барање на повеќе глобализација

Во мај 2018 година, Ингмар Ријенцог е поставен за претседател на „Гобал Утманинг“ (Глобална промена), групација на експерти кои промовираат одржлив развој. Групацијата се декларира како политички независна. Нејзиниот основач е Кристина Персон, ќерката на милијардерот и поранешен министер во Шведска кој е одговорен за стратешкиот развој и соработката во Нордискиот регион. Анализата на објавените твитови на групацијата открива сериозен политички ангажман. На почетокот на кампањата за европските избори може да се забележи фокус кон алијансата опфаќајќи ги Социјал демократите, во однос на шведската десница. Национализмите – кои се појавуваат ширум Европа, се претставени како главен непријател.

На 16. јануари 2019 година, „Глобал Утманинг“ гордо објави на социјалните мрежи за нивната нова соработка со „Глобал шејперс“, заедница на млади лидери на возраст меѓу 20 и 30 години, „опремени“ со силен потенцијал да одиграат важна улога во иднината на општеството и работата за подобрување на ситуацијата на популацијата околу нив. Оваа мрежа е формирана на Светскиот економски форум во 2011 година. Лидерите на мрежата имаат намера да ја спасат планетата, а во исто време да работат кон економски развој и да бараат повеќе глобализација. Цела агенда.

Сумирано: од една страна, имаме дигитална платформа која сѐ уште се зголемува наречена „Немаме време“, која за неколку месеци стекна голема популарност благодарение на Герта Тунберг која служеше како младински советник на фондацијата која раководи со неа. Инцидентно, стотиците илјади меил адреси со кои се регистрираат користниците и кои Ријенцог ги собира од страната вредат цело богатство. Од другата страна имаме семејства на милијардери, вклучувајќи и поранешен министер, кои инвестираат во старт-ап бизнис кој го регрутира Ингмар Ријенцог во групација која работи на „зелен развој“, или на „гринвошинг“ (Практика на неосновано или лажно прикажување на придобивки за бенефитите за животната средина на еден производ, технологија или компанија).

Токму „гринвошингот“ му овозможува на капитализмот да продолжи. Грета Тунберг се наоѓа во позиција да ги советува оние кои остро ги осудува, завршува Изабел Латард.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот