Мокачино, кортадо, лате: Ја знаете ли разликата помеѓу сите видови кафе?
Кафето навистина нуди неверојатно богатство на вкусови и стилови, а ние имаме водич за секој вид. Омилениот пијалак со текот на годините се здоби со вистинска палета на вкусови и речиси секој ден можеме да пробаме нешто ново.
Порано кафето беше само црно, но денес имаме цела палета на вкусови и ароми. За да уживате во она што го сакате, прво мора да знаете како да го нарачате вистинското кафе, односно да знаете што има во него и како се прави. Објаснување за речиси сите видови кафе направи веб-страницата „Јизибејкс“ (Yuzubakes).
Класични видови на кафе:
Еспресо
Основата на сите други видови кафе, еспресото е краток и интензивен пијалак направен под висок притисок од свежо мелено кафе. Неговата сила и богатство го прават совршена основа за многу други пијалаци.
Макијато
Зборот макијато значи „дамка“ на италијански, а инаку тоа е еспресо со млеко. Неговата комбинација од силно еспресо и нежни млечни ноти создава благ, но исклучително задоволувачки вкус.
Американо
Идеален за оние кои претпочитаат поблаг вкус на кафе. Американо се добива со додавање вода во еспресото, со што се зачувува карактеристичниот вкус на кафето со намалена јачина.
Капучино
Омилено меѓу љубителите на кафе, капучиното се состои од една третина еспресо, една третина топло млеко и една третина млечна пена. Оваа совршено избалансирана комбинација носи богато и кремасто искуство.
Лате
Лате е вистинска класика за љубителите на кремасти пијалаци. Тоа е еспресо измешано со обилно количество врело млеко, а се карактеризира со мазна и блага текстура.
Егзотични ароми
Ако сте склони да експериментирате, егзотичните ароми даваат можност да истражувате нови и возбудливи вкусови.
Мокачино
Совршен избор за љубителите на чоколадо, мокачиното комбинира еспресо, топло чоколадо и млеко. Резултатот е богат, сладок пијалак кој ги задоволува и желбите за кафе и чоколадо.
Флет вајт (Flat white)
Популарно во Австралија и Нов Зеланд, флет вајт комбинира еспресо со „кадифено мазно“ млеко, обезбедувајќи кремаст пијалак кој сепак го истакнува вкусот на кафето.
Кортадо
Кортадо е едноставен, но силен пијалак направен од еспресо и малку топло млеко, идеален за оние кои сакаат да уживаат во чистиот вкус на кафе со мало додавање на млеко.
Варијанти на ладно кафе
За топли денови или моменти кога сакате нешто поинакво, ладните сорти на кафе нудат освежување и задоволство.
Ледено кафе
Овој летен миленик комбинира разладено еспресо или обично кафе со мраз, често со опционални додатоци како сируп, шлаг или сладолед. Совршено освежување за топлите денови.
Фрапе
Освежителен пијалак направен од инстант кафе, млеко и мраз, фрапе е пенесто и слатко задоволство кое често се претпочита во текот на летото, а исто така е омилено меѓу помладите љубители на кафе.
Колд бри (Cold brew)
Колд бри е посебен метод на подготовка кој бара долгорочно натопување на меленото кафе во ладна вода. Резултатот е исклучително мазно кафе со ниско ниво на киселост, совршено за оние кои бараат поблаг вкус.
Без разлика дали сакате класични или егзотични пијалаци, кафето нуди по нешто за секого, од посилни ароми до благи и неутрални вкусови.