МОК: Здравјето во прв план, ја поддржуваме одлуката за одложување на Игрите!

Македонскиот олимписки комитет информираше дека наредните Летни олимписки игри во Токио треба да се организираат во првата половина од 2021 година.

Многу спортски натпреварувања се одложени, прекинати поради епидемијата на коронавирусот, а до последен момент не се знаеше што ќе биде со Летните олимписки игри во Токио.

Интернационалниот олимписки комитет донесе и официјална одлука да се одложат Игрите, односно претседателот на ИОК, Томас Бах, го прифати предлогот на јапонскиот премиер Шинзо Абе.

После таа одлука, се огласи и Македонскиот олимписки комитет со свое соопштение:

– Во овие тешки моменти за целото човештво, Олимпискиот комитет на Северна Македонија дава целосна поддршка во однос на одлуката на Јапонската влада за одложување на Олимписките игри ТОКИО 2020 и за прифаќањето на оваа одлука од страна на Меѓународниот олимписки комитет.

Сега сите заедно може да се фокусираме на нашата заштита и посебно на заштита на здравјето на спортистите, но и на здравјето на сите оние кои се околу спортистите, тренерите, тимовите за поддршка и воопшто на спортската администрација.

EPA-EFE/KIMIMASA MAYAMA

Ова одложување е дефинитивно многу сложено решение на кое му претходеа многу консултации со сите засегнати страни во Олимпиското движење. Со очигледното напредување на COVID-19 (вирусот Корона – пандемија) низ целиот свет, во овој момент, важно е дека сите ние заедно мора да продолжиме да ги следиме задолжителните мерки, заклучоци, но и препораки и совети дадени од страна на нашата Влада, но и од страна на Светската здравстена организација. Олимпискиот комитет на Северна Македонија изразува најдлабоко сочувство до семејствата на починатите од COVID-19 и дава силна поддршка на сите оние кои се заразени од вирусот корона. Сите заедно мора да ja надминеме оваа ситуација, да останеме заедно во оваа тешка борба, да се грижиме за сопственото и за здравјето на сите околу нас.

Олимпискиот комитет на Северна Македонија јасно става до знаење дека здравјето нa спортистите мора да биде во прв план. Таму каде што ќе има и еден наш спортист, таму ќе бидеме сите ние.

Откако ќе ја надминеме оваа ситуација без преседан, во периодот кој следи, мора да создадеме можности нашите најдобри спортисти да се подготват за најважните натпревари во животот и уште посилно заедно да тргнеме во насока на подигнување на нивната форма за Олимписките игри ТОКИО 2020, кои најверојатно ќе бидат организирани во првата половина на 2021 година.

Олимпискиот оган беше запален во Античка Олимпија и тој сега се наоѓа во Токио каде што ќе гори до почетокот на игрите следната година. Олимпискиот оган секогаш претставувал симбол на борбата, верата и надежта на луѓето од целиот свет, а Олимпискиот оган кој ќе биде запален следната година на отварањето на игрите ќе ја означи победата на човекот, победата на мирот и спокојството кoи повторно ќе царуваат на нашата планета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот