Мојата генерација

Марин Гавриловски, Фото Архива

Резултатот по првото полувреме е еден за животот, нула за мојата генерација. Дали има надеж тоа да се поправи за време на второто полувреме? Добар дел од вината за денешнината носи и мојата генерација со конформистичко повлекување во својот затворен свет пред неуките, агресивните, невоспитаните, партизираните…

Велат дека на Балканот никој не се раѓа и не умира во иста држава. Таква е судбината и на мојата генерација, која оваа година го слави својот полувековен јубилеј.

Балканот е раскрсница на Европа. Тој бил поприште на регионални и светски војни, кои како последица ја имале честата промена на границите. Па така, оние родени во Австро-Унгарија, живееле и умирале во Југославија, оние родени под турско, пак живееле и умирале под бугарско или српско или конечно во својата Македонија.

И нашата судбина не е поинаква. Родени сме во една земја на ридестиот Балкан во времето кога во неа се живееше најдобро. Кредитите беа земани, а времето за враќање сè уште не беше дојдено, па ние како деца ги уживавме привилегиите на средната класа на југословенското општество. Бесплатниот образовен и здравствен систем, редовните одмори на море, слободното патување без визи со црвениот пасош. Беа тоа безгрижни времиња, во кои Тито им ја продаваше вселенската програма на САД, а наместо тоа се испазари таму да се продава познатото „Југо“. Нам, на децата, тие времиња не ни навестуваа дека оваа безмалку идилична слика ќе се промени и дека нашата младост нема да биде толку розова.

По смртта на Маршалот, гангрената од неговата нога се префрли и врз заедничката федерација на југословенските народи, која пополека почна да се распаѓа преку најкрвавиот конфликт на почвата на Европа по завршувањето на Втората светска војна. За жал, дел од топовското месо во крвавата југословенска драма беа и претставниците на мојата генерација. Оние што се запишаa на некоја од високообразовните установи, успеаја да го пролонгираат служењето на воената обврска, но некои не успеаја во тоа и заминаа на боиштата да војуваат за некои, за нив, необјасниви и туѓи интереси. Поголемиот дел извлекоа жива глава, но траумите од тие денови оставија забележителен траг во нивната психа и понатамошен нормален развој.

Мирољубивата и мудра политика на првиот македонски претседател по осамостојувањето, Киро Глигоров успеа да ја прекине голготата на мојата генерација, барем во делот кој се однесуваше на војната. Македонија стана независна и суверена држава, без војска и пари, но барем со сочувана инфраструктура и сочувани животи на младата генерација.

Воспитани, скромни, образовани и сè уште полетни, во најдобрите креативни години, почнавме оптимистички да ја градиме или барем да се обидуваме да ја градиме новата држава, надевајќи се дека од неа ќе направиме, како што велеше мојот професор Ѓорѓи Марјановиќ, пристојно место за живеење. Но, некои „нови клинци“, воспитувани во некои други времиња, врз основа на некои други вредности и наративи, не мислеа така. И додека ние се обидувавме да ја застанеме државата на здрави нозе, почнаа да се редат настани кои беа далеку од тоа што го посакувавме. Крвавиот конфликт од 2001 година, поделбите помеѓу комуњари и вмровци, повеќегодишната блокада на нашиот европски пат предизвикана од ирационалните барања на Грција, корумпираното владеење на Никола Груевски и неспособноста на Зоран Заев да се справи со тоа, беа само дел од работите кои индицираа дека не сме успеале во нашата замисла.

И сега, на прагот на педесеттата година од животот, кога ја повлекуваме првата, прелиминарна, линија за да го сумираме она што сме успеале да го постигнеме во животот, за жал, мора да констатираме дека земјата (без оглед дали тоа значи државата во која живееме или Земјината топка чии жители сме) им ја оставаме на нашите деца во полоша состојба од онаа во која ни ја оставиле нашите родители. Живееме во држава каде корупцијата, клиентелизмот, партиската или националната припадност се побитни од нивото на образование, култура или способност. Нашата планета никогаш не била позагадена, никогаш воздухот не бил толку нечист, а почвата контаминирана со бројни хемикалии. Дали таа неспособност да го смениме светот на подобро е резултат на нашата пристојност и добро воспитание кое на крајот нè доведе до тоа да се повлечеме пред оние дрските и гласните, бескрупулозните помлади од нас генерации, воспитувани врз други општествени вредности, кои не избираат средства да ги остварат своите индивидуални цели, без оглед дали е тоа на штета на државата и идните генерации?  По принципот „живеј го животот денес“ и не мисли на иднината, оние другите, успеаја најадекватниот подарок за нашите деца, кои овие години ја слават својата матура, да им биде куферот, бидејќи поголемиот дел од нив иднината не ја гледаат тука покрај своите родители, туку нас ќе нè тераат, на стари години (за десет, дваесет или триесет од сега) да станеме номади, кои за трошка љубов ќе го обиколуваат светот во потрага по нашите деца и внуци, кои, за жал, едвај ќе го разбираат јазикот на кој ќе им се обраќаме.

Но, секоја генерација си го носи својот крст, па така и ние. Резултатот по првото полувреме е еден за животот, нула за мојата генерација. Дали има надеж тоа да се поправи за време на второто полувреме?

Добар дел од вината за денешнината носи и мојата генерација со конформистичко повлекување во својот затворен свет пред неуките, агресивните, невоспитаните, партизираните – со неделување, опортунизам од овој или оној тип, секојдневна употреба на самооправдувачки флоскули („пушти ја таа будала“, „и онака не нè бидува“ итн.). Второто животно полувреме тоа нема да го толерира од нас.

„Располагам со уште милион нежни и безобразни податоци за нашата младост, која пред нашите очи не лаже и краде и напушта“… И, што останува друго освен во стилот на Раде Шербеџија да порачам, во второто полувреме да не се предаваш, генерацијо моја, затоа што не треба да ја губиме енергијата, желбата и силата. Сакам да верувам дека нашето искуство и лични потенцијали не се попусто создавани, унапредувани  и негувани; имаме уште време нашиот начин на размислување и делување да го насочиме кон креативно подобрување на нашата општествена околина, почнувајќи првенствено со својот личен ангажман. За почеток, однесувајте се во јавниот простор како луѓе; поздравувајте се со комшиите наутро, бидете љубезни на пазар, не фрлајте ѓубре кај ќе стигнете, не паркирајте насекаде, уважувајте го и слушајте го соговорникот (без прекини), почитувајте ги постарите, сакајте ја својата татковина, немаме резервна. Секоја општествена промена почнува на лично, индивидуално ниво. Не се давај, генерацијо моја, сè уште имаш што да кажеш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот