„МОЈ ДДВ“: Еве како да го регистрирате Повратот на ДДВ, нема апликација за Ајфон!

фото: Слободен печат

Граѓаните веќе од денеска може да ја преземат апликацијата „МојДДВ“ за Андроид паметните телефони и со тоа да ги скенираат фискалните сметки. Од УЈП велат дека истата е едноставна за користење, а за оние кои немаат смартфон истото ќе можат да го сторат преку киоски апаратите или директно на шалтерите.

фото: Слободен печат

На 36 места во организациските единици на територија на целата држава се поставени и киоск апарати, баркод читачи и паметни мобилни телефони преку кои УЈП ќе им овозможи на граѓаните да ги скенираат своите фискални сметки.

За ова денеска информира в.д. директорката на УЈП Сања Лукаревска на прес-конференција.

фото: Слободен печат

– Очекуваме во наредните денови апликацијата да биде достапна за преземање и од „Apple Store” за корисниците од „iOS” оперативниот систем, бидејќи станува збор за мултинационална компанија која работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите, додаде Лукаревска.

Согласно законските одредби во Законот за враќање на дел од ДДВ, Лукаревска посочи дека едно физичко лице во текот на годината ќе може да си врати 7.200 денари, а четиричлено семејство каде сите ги исполнуваат условите ќе може да си оствари една просечна плата од 28.800 денари.

Таа потсети на условите што граѓаните треба да ги исполнуваат за враќање на поврат на ДДВ, а тоа се: да имаат навршено 15 години, да поседуваат документи за идентификација, своја трансакциска сметка и да се регистрирани на системот на УЈП. За најава на „МојДДВ” граѓаните ќе го користат истиот имеил и лозинка од корисничкиот профил на e-pdd.

– Фискалните сметки со износ од 30.000 денари, како и невалидните фискални сметки, односно компјутерските сметки апликацијата МојДДВ нема да ги прифати, ниту преку скенирањето од мобилен телефон, киоск апарати или баркод читачи, посочи Лукаревска.

фото: Слободен печат

Таа информира дека Законот за враќање на дел од ДДВ и начинот на кој ќе се реализира е прв од ваков вид во регионот и, како што рече, е уште една ефикасна мерка за намалување на сивата економија и можност граѓаните и управата да станат партнери во борбата против неформалната економија.

– Веруваме дека граѓаните ќе инсистираат да им се издаваат фискални сметки, а дополнително ќе избегнуваат да купуваат на места каде фискални сметки не се издаваат. И граѓаните и државата имаат корист од оваа мерка. Најмногу ќе изгубат оние кои не издаваат фискални сметки или пак издаваат невалидни со што на граѓаните им го ускратуваат правото на поврат. Повратот на 15 посто од ДДВ е голем и сериозен проект и по својата суштина и по начинот на реализацијата. Токму затоа беше и се уште е вистински предизвик да се работи на овој проект, рече Лукаревска.

фото: Слободен печат

За сите граѓани кои ќе имаат потреба од поддршка во целиот процес, како што се повозрасните лица и граѓаните од социјално ранливите категории, УЈП, како што рече Лукаревска, е целосно подготвена да им излезе во пресрет.

Погледнете ги видеата за тоа како да го реализирате повратот на ДДВ, а тука можете да ја превземете апликацијата за Андроид оперативниот систем.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот