Moите 1+5: По избор на Ана Стојановска – „Боречки клуб“

фото: филмски печат

Секогаш може да се пишува за „Боречки клуб“, независно што од премиерата поминале дури дваесет и две години.

Филмови и серии гледам постојано кога имам можност. Најчесто бирам разни жанрови и многу сакам авторски филмови. Меѓу филмовите за кои говорам во речиси секоја пригода е и „Боречки клуб“ на Дејвид Финчер. Филмовите на Финчер заземаат посебно место во мојата гледачка практика. За нив пишував и во еден од моите романи „Јас и Лин, отпосле“. „Боречки клуб“ е еден од
важните филмови на Финчер што мислам дека го имам гледано повеќе од 20 пати. И во кино и дома и во секоја пригода што сум ја имала. Мислам дека секогаш може да се пишува за „Боречки клуб“, независно што од премиерата поминале дури дваесет и две години. Снимен е според истоимениот роман на Чак Паланук од 1996 година. Едвард Нортон, како нараторот (исклучително моќна актерска игра, со која Нортон покажува зошто е еден од најдобрите актери на 90-тите од минатиот век, фокусиран на внимателно вивисецирање на секоја психолошка позиција со која се соочува ликот). Бред Пит како контроверзниот Тајлер Дарден (актерски совршен перформанс на ослободен
од секоја должност лудак и лудистичен истовремено). И Хелена Бонам Картер како Марла Сингер (неверојатниот актерски капацитет на Бонам – Картер и во овој филм го потврдува одамна наметнатото мислење дека не постои лик што таа не може суверено да го одигра).

Зошто „Боречки клуб“? Во духот на филмот не би требало да давам објаснување. Но, од перспектива на еден, од за мене, најзначајните филмови, потребно е да наведам неколку важни, значајни, впечатливи елементи што овој филм го издвојува од мноштвото. Концентриран на консумеризмот и на неговото лошо влијание, на комерцијализмот, прагматизмот и губењето на најважните придобивки на моралните аспекти на секојдневието од крајот на минатиот век, филмов е токму директниот, контроверзниот, „без влакно на јазикот“ одговор или шамар на тоа општество. Исто како „Хамлет“ во светот на драмата и театарот чии реплики („Да се биде или не?“ „Што си ѝ ти на Хекуба“, „Штедење мој Хорацио“, „Оди во манастир“ и др.) денес се познати, да не речам општи места, така и повеќето реплики на Тајлер Дарден или Марла денес во виртуелниот „меме“ свет се станати општи места („Првото правило на Боречкиот клуб е дека не зборуваме за Боречкиот клуб“, „Кога ќе изгубиш сè си конечно слободен“, „Ние сме консументи, купуваме работи што не ни требаат“, „Вселенски мајмун“, „Ова е твојот живот и завршува во оваа минута“).

Книгата на Паланук е адаптирана од Финчер, кој се водел од неговата основна идеја да ја прикаже трансформацијата на консумеристичкиот наратор во контроверзниот бунтовник со причина Тајлер Дарден, притоа развивајќи една шизофрена паралела помеѓу она што сака да е и она што навистина е. Сите ние, бунтовници, во потрага по слобода, се најдуваме меѓу рациото на Тајлер Дарден и (без)емотивното на Марла Сингер, откако сме го надминале оној невиниот, инсомничен наратор, чија животна приказна наликува на речиси сите околу нас. За мене, филмов е начин на живот, третирање на светот во себе и наоколу, истовремено, создавање на свој свет кој за да се изгради претендира тоа да биде откако ќе се срушат и конкретно и симболично сите кули околу нас додека ѝ дозволуваме на љубовта да стои романтично посветено во мигот на рушењето со звуците на култната „Where is my mind“ на „Pixies“.

Омилените пет на Ана Стојановска:

„ЧОВЕКОТ ШТО ПАДНА НА ЗЕМЈАТА“, Николас Рег, 1976
„OДИСЕЈА 2001“, Стенли Кјубрик, 1968
„ВИТЕЗ НА ПЕХАРИТЕ“, Теренс Малик, 2015
„ГРАНД ХОТЕЛ БУДИМПЕШТА“, Вес Андерсон, 2014
„ИЗГУБЕНИОТ АВТОПАТ“, Дејвид Линч, 1997

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот