Моето интервју со Мијалков

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Мора и да се признае дека исчезнувањето и појавувањето на Сашо Мијалков ни го подигна духот. Тешко беше да се замисли дека нешто друго во овие тешки моменти ќе можеше да го одврати нашето внимание од пандемијата, вакцините или перцепцијата за корупција. Два дена најмалку овој народ без пари се забавуваше, а тоа воопшто не е мала работа.

Ех да го имав како што го немам – она истенчено репортерско чувство, па во вторникот попладне да се најдев пред зградата на Јавното обвинителство, водејќи го снимателот зад мене со кабелот од микрофонот и баш тогаш да налетам на Сашо Мијалков. Значи, да го имав тој непогрешлив мирис за добра сторија, која ги разликува добрите од лошите новинари и како во некој транс да станев од бирото и со еден збор наредба да го скорнев снимателот и со долги чекори да се стрчав до зградата на Oбвинителството, каде, а тоа добрите новинари добро го знаат, во вторник попладне се добива ексклузива. Ќе застанев пред Сашо Мијалков и ќе му го поставев првото прашање, со кое ќе ги разрешев сите дилеми.

– Началн… господине Мијалков, како е времето во странство?

– Јас кога ќе дадам збор, не го погазувам. Бев во изолација, заради семејството и еве дојдов да си го земам решението – елоквентно ќе ми одговореше поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање.

– А, дали се чувствувате снебиден бидејќи Владата и целата нација е загрижена за вашата судбина?

– Сакам да му се извинам на македонскиот народ и на премиерот.

– А како ве служи здравјето, некако не сте ми во форма, а навикнати сме да ве гледаме во топ-издание?

– Вчера имав висока температура над 40 со два и ме болеше глава, како симптоми на ковид – ќе ми одговореше Сашо и ќе влезеше во зградата на Обвинителството.

Јас тука ќе направев логична пауза и ќе се одјавев од настанот со спонтано изрецетирани стихови:

Бате Саше го бие неоправдано лош глас,

Дека избегал во странство и нè оставил нас.

Го прашувам дали е во Македонија и ми вика – стопостотно. Се извинува, се снебива, мислам гарант му е незгодно.

Добро, знам дека не е баш како од Балашевиќ, ама до толку се може. Во одјавата ќе потсетев и дека по само два часа Македонија го поправи системот. Мислам на системот за кој министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, непосредно пред интервјуто со Сашо Мијалков, кажа дека не функционира. И знам дека ова мое интервју немаше да открие ама баш ништо во врска со дводневното исчезнување на обвинетиот Сашо Мијалков, кому, ако му бидат докажани (не)делата, му се заканува затворска казна од 13 години. Ама и вака ништо не знаеме, па ќе ни дојдеше на исто.

Премиерот прво беше разочаран, за да потоа да каже дека лично координирал. Министерот кажа дека не чувствува одговорност, ама го обвини системот, а обвинителката не сакала да прејудицира.

Но, мора и да се признае дека исчезнувањето и појавувањето на Сашо Мијалков ни го подигна духот. Тешко беше да се замисли дека нешто друго во овие тешки моменти ќе можеше да го одврати нашето внимание од пандемијата, вакцините или од перцепцијата за корупција. Два дена најмалку овој народ без пари се забавуваше, а тоа воопшто не е мала работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот