Моден дизајн со препознатлив колоритен стил

Познатата дизајнерка Александра Вељановска ги изложи нејзините најнови идеи на облека и накит во галеријата „Ко-Ра“, со што предизвика големо внимание кај јавноста.

Во малиот салон на галерија „Ко-Ра“, во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, до неодамна беше поставена изложбата на дизајнерска облека и накит на тема „Март“ на дизајнерката Александра Вељановска. Изложбата е насловена „Март“, бидејќи колекцијата содржи маици со гол грб.

– Колекцијата ја правев во март, кога времето беше променливо и непредвидливо. Март ми е омилен месец, тогаш се буди сѐ, па оттаму и стиловите се непредвидливи: имам маици во стил футуризам, романтични маици со карнери, спортски, за во диско, а она што ги поврзува сите е голиот грб – објаснува Вељановска за „Културен печат“.

Вељановска дипломира во 2015 година на Факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, во класата на проф. д-р Јана Манева Чупоска и проф. д-р Гордана Вренцоска, за кои вели дека имаат огромно влијание врз нејзиното творештво.

– Тие се прекрасни личности и професионалци што нѐ научија како да создаваме уметност, ни го предадоа целосното знаење со огромна посветеност и ентузијазам, без резерва и без разлика дали работевме на ревии или на годишни изложби на факултетот – вели Вељановска.

Инаку, досега има реализирано повеќе од дваесет самостојни, групни, како и изложби од хуманитарен карактер. Твори под името „Avel clothing and accessories“, а на социјалните мрежи ја среќаваме под уметничкото име „Икнија Иавнова“, за кое објаснува дека е инспирирано од името на нејзината баба, Иконија Иванова. Се чини и дека нејзината дизајнерска мода е вонвременска.

– Мојот стил е комбиниран, односно елегантен, спортски, футуристички, во комбинација со „кежуал“. „Винтиџ“ накитот од 20-ите години, исто така, ми е голема инспирација. Сакам да ја комбинирам елеганцијата со спортско издание, парчето да има своја душа и печат, препознатлив стил. Кога дизајнирам, мора да има рамнотежа. Идејата ми е во еден аутфит елегантното да се ублажи со спортското или со олд-скулот, и обратно – вели таа.

– Многу работам со боја. Колоритот ми е препознатлив знак, дури и слабост. Ги земам боите од природата. Алките што ги правам се многу носени и многу ми имаат помогнато да ги комбинирам боите. На едно парче облека може да ги ставиме сите бои на светот, но магијата е во тоа како ќе ги искомбинираме. Во колекцијата ’Боите и природата‘ инспирација ми се флората и фауната, односно кога ќе видам птица со безброј бои на неа, а сите совршено ѝ прилегаат, бидејќи ѝ ги дала природата. Тие бои ги споив со геометрија, а тука имаше уникатни прстени, брошеви и чанти од полимерна глина – вели Вељановска.

Таа додава и дека најмногу се чувствува „своја“ во дизајнирање накит и чанти.

– Сите дела што ги дизајнирам, од идеја до цртеж и изработка, се 80 проценти мои; имам и некои во соработка, но ретко соработувам, обично кога немам доволно време – објаснува Вељановска, и заклучува: „Моето творештво е обилно и сѐ уште ќе се развивам како дизајнер. Имам инспирација и правам колку што можам да постигнам“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 134, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот