Моделу шведски влези, не се собувај

Фото: Слободен печат

Карантин? Не, не е тоа карантин, туку полициски час е тоа. Не е изолација, туку самоизолација. Физичка дистанца, всушност, зборуваме за социјална дистанца?! Да се носат маски, едно време и ракавици, ама ако мора, тогаш е дозволено и да се причествуваме од едно лажиче. Држете растојание од два метра, освен кога чекорите меѓу илјадници луѓе во литија.

Полицијата го контролира почитувањето на пропишаните мерки, но не секогаш и не на секое место. Ифтарите се одржуваа непречено, како и молитвите по џамиите, а полицајците, како што можевме да видиме од разните видеа објавени по социјалните мрежи, изигруваа декор. Во еден момент се прифати предлогот на Комисијата за заразни болести главниот град четири дена да се стави под полициски час, што предизвика преселба на близу 150 илјади луѓе во другите македонски места, заедно со скопскиот градоначалник. И сето тоа траеше повеќе од 100 дена.

Во овој период, претпоставувам, дека се спасени многу животи, но не колку што се посакуваше. Епидемијата на заболени од ковид-19 кај нас почна да се распламтува во последните денови од она што колоквијално го нарекувавме карантински мерки. Тогаш ни објаснија дека тоа е втор бран, не оној втор бран што наголемо беше најавуван за декември, туку овој што очигледно ни дојде заедно со првиот бран на заразата?! Но веќе немаме време за тоа.

Битно, ако не и најбитно е да се потенцира во моментов дека нашата економија, да се разбереме никогаш во историјата на оваа земја не била блескава, загуби голем дел од својата вредност. Сѐ уште е рано за да се сумираат загубите што несомнено се големи, но верувам дека тоа ќе биде првата задача на новата Влада, која се надеваме дека ќе биде брзо формирана по изборите и која спремно ќе се зафати со санирање на последиците.

Тоа што во моментов е реалност е дека земјата, и покрај тоа што има лоша здравствена слика, е едноставно приморана да се отвори. Се отвораат буквално сите деловни објекти, се отвораат безусловно границите и сите места за јавно собирање. Сѐ уште се на сила мерките за забрана на групирање на поголем број луѓе, но веројатно дека и на ова поле наскоро ќе мора да се попушти.

Свесен сум дека на многумина им се ежат влакната на кожата од ова што го читаат, но мора да разберат дека пари во државниот буџет повеќе нема. Затоа ќе мора да му кажеме добре дојде на шведскиот модел на справувањето со епидемијата, кој во кратки црти значи дисциплинирано носење маски, често миење на рацете и одржување физичка дистанца. Па зарем е толку тешко да се прават овие три работи?

Но, исто така, треба да се кажат и опасностите од т.н. шведски модел, или начинот на кој оваа земја се реши да се справува со корона-кризата. Швеѓаните не се затворија, но приближно половина од вработените останаа да работат од дома. Беа препорачани мерки на дистанца, кои не секогаш и се почитуваа. Полицијата ревносно интервенираше по парковите и големите градски плоштади, прекорувајќи ги граѓаните кои свесно или несвесно ги кршеа мерките. На крајот, повеќе од пет илјади луѓе ги загубија животите, а последното тестирање извршено на 50 илјади жители, покажува дека само 14 проценти од популацијата се имуни на вирусот.

Сега граѓаните на Македонија како никогаш претходно ќе мора да ја подигнат свеста, бидејќи нивното здравје, но и здравјето на луѓето од нивната околина, зависат од однесувањето на секој поединец. Да повториме, ќе миеме раце, ќе носиме маски и ќе одржуваме дистанца. Па навистина тоа не е многу тешко, мислам никој не ве тера да читате книги или да слушате класична музика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот