Мобилизација за спас или за Армагедон во Украина

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Што ако податоците за вистинската руска воена моќ допрва се видат и, без разлика на рамката во која сакаме да ги видиме, Русија е спремна да даде многу жртви и да ја искористи масовноста? Што ако мобилизацијата е само увертира за конфликтот што треба да следува? Што ако документот за мобилизација на еден милион војници е реален?

Војната во Украина добива димензија за која сите шепкаа, а само некои се осмелуваа да ја разгледаат како алтернатива. Откако Путин направи уште еден потег кој несомнено го движи светот кон Армагедон, влоговите за изнаоѓање какво-такво решение пораснаа. Дополнително, ваквиот потег на Русија е уште еден индикатор дека Путин сепак е спремен да оди на сѐ или на ништо. За него, според оваа теза, Украина е „zero-sum“ опција за пресметка со Западот. Од друга страна, на Запад многу влијателни куќи, советници и аналитичари во безбедносно-политичкиот живот инсистираат дека Путин е на колена и дека ова е последен очаен потег на Русија.

Според нив, Западот, предводен од САД и од Велика Британија, треба да го интензивира влијанието во овој крајно опасен оружен конфликт за да ја одврати Русија од намерите. Опасноста за која зборуваме не е за да шириме паника и страв, туку отворено да ги разгледаме сите можни опции додека потајно посакуваме сето ова да се реши по мирен пат. Шансите за избегнување сценарио Армагедон сепак се намалија поради политичкиот „инженеринг“ што Русија (според официјална Москва) само го повторува она што либералниот свет го загатна на крајот на деведесеттите. Тоа е заобиколување на суверенитетот – еден од основните принципи врз кои е изграден современиот „rule-based“ систем на меѓународната сцена што почива на принципи и на правила втемелени во Повелбата на ООН, преку фокус на заштита на групите и малцинствата.

Во практика, Русија инсистира на преседаните за реконцепција на безбедноста во хоризонтална смисла, каде што заштита на принципот на суверенитет се става во втор план во име на заштита на индивидуи и групи. Од меѓународно-правен аспект, Русија својата логика ја црпи од правото да ги заштити, според неа, угнетените руски малцинства во спорните региони во Украина. Оттука, Русија инсистира дека специјалната воена операција, идентично како што тоа го правеа ултралибералните западни елити, има цел да ги заштити малцинствата и да им дозволи тие да го кажат своето преку референдум за самоопределување. Колку и да звучи цинично, Русија сега практично го поместува тежиштето на балансот помеѓу заштитата на човековите права и безбедноста на страна на претходните – заштита на човековите права. Токму тука, во овој инженеринг за правна инверзија е и опасноста. Практично, по изјаснувањето на референдумите, чиј исход однапред се знае, тие за Русија се руска територија. Русија, со тоа, вешто се обидува да маневрира во правна смисла и на тој начин да создаде, од една, би рекле хуманитарна интервенција, правна рамка за одбрана на своја територија со што и ќе ја ефектуира правната инверзија. Украинските сили на отпорот, според неа (претпоставуваме) по изјаснувањето за припојување и административното припојување ќе бидат окупациски сили.

Најверојатно, како по книга, Русија ќе им даде можност да се предадат и да ја напуштат „руската територија“. Потоа, бидејќи тоа нема да се случи, Русија може, а и најверојатно ќе ѝ објави и војна на Украина. На тој начин, од интервенција – специјална воена операција, од хумани побуди што се споени со безбедноста – ќе премине во самоодбранбена војна (само да појасниме: за Русија „денацификација“ и смена на украинските власти се императив, поради нивната политичка определба – амбиција за членство во НАТО, дополнително, во практика либералниот свет признал дека хуманитарната интервенција е поврзана со светскиот мир и со безбедноста во неколку наврати историски).

Според меѓународното право, оваа војна за Русија ќе биде и легална. Таа ќе се повика на членот 51 од Повелбата. Тоа, да не се разбереме погрешно, никој не вели дека е легитимно. Впрочем, секој вистински правник би ви рекол дека правото и правдата не одат секогаш заедно – тие тежнеат да се спојат, ама во практика не е секогаш можно. Хоророт што од овој правен маневар најверојатно ќе произлезе е во тоа што Зеленски (а ниту Западот) со право нема да го прифати овој театар. Арно ама, секое донирање опрема за Русија е заземање страна во конфликт и со тоа легитимна цел. Прашањето е сега колку сето тоа ќе можете да го остварите во практика. Односно, дали ќе имате моќ. Тоа апсолутно се вклопува во нашата интенција од претходниот број да ја доанализираме едната од можните опции за крајот на руската моќ.

Според овие анализи, Русија со мобилизацијата дополнително ќе искрвави. Досега, како што покажавме во минатиот број, водството не се покажа најпрофесионално со помала група. Следен сериозен проблем кој специјалната воена операција го покажа е логистиката. Од неколку индикатори се покажа дека Русија има сериозен проблем со концептот логистика. Максимата на Омар Бредли ќе ја повториме пак: „додека аматерите зборуваат за тактика, професионалците зборуваат за логистика“. Во овој контекст, според ова гледиште, мобилизацијата ќе биде катастрофална поради четири причини. Прво, Русија ќе има проблем да изврши ефективна транзиција од мир во војна кај овие луѓе; само како за илустрација – тоа значи инженерот, учителот, градежниот работник, пекарот и други да станат војници. Второ, Русија ќе има проблем да обезбеди ефективна достава на опрема, муниција и пред сѐ храна – ниту еден војник нема да се помести ниту чекор напред без да го помести стомакот. Трето, од сѐ до сега, Русија најверојатно има сериозен проблем со квалитетот на опремата што ја има. Од анализите и независните извори се гледа дека опремата што се користеше до сега е застарена, неквалитетна и под стандардите. Тоа значи дека имало сериозни пропусти во нејзината набавка (најверојатно корупција). Четврто, доаѓа зима. Теренот е клучен фактор што мора да го поддржи маневарот за да може да се постигнат останатите принципи на војување како дел од оперативниот мозаик.

Русија е без капацитет за вертикален маневар бидејќи не успеа да воспостави воздушна супериорност. Ова е сериозен проблем, особено поради тоа што ќе мора да зависи од достапните комерцијални правци на комуникација што знаат да бидат лимитирани. Во практика се покажа дека прегрупирање на силите – дел од логистиката за Русија – е тешко и трае барем една седмица. Тоа е обратно пропорционално со маневрабилноста на дисперзирани состави – партизански групи (за ова зборевме) да вршат диверзија – преку удар и маневар на стратегиски цели. Секој сериозен оперативец ќе ви каже дека секоја единица е најранлива кога е во движење.

Со ХИМРАС-системите украинските сили покажаа извонредна инвентивност во комбинација на стратешки оружја со оперативно-тактички борбени постапки како дел од операции за предизвикување ефекти. Следен сегмент е оперативната вештина што ја поседуваат војниците, а со тоа и мобилизираните резервисти. Од досегашните дејствија не сме убедени дека Русија знае да ги интегрира видовите и родовите и да воспостави едно старешинство во дејствувањето. Од силите што до сега војуваа не видовме оперативна вештина на која може да ѝ се позавиди. Тактички дејствуваат мошне чудно, речиси како вооружени улични банди. Многу од принципите, во тактичките борбени дејствија едноставно се прескокнуваат, да не зборуваме дека и индивидуалните постапки се катастрофални и индицираат сериозен проблем во квалитетот на обуката во тактиката на мали единици. Оперативно, што да се каже. Можеби изјавата на еден украински војник – „ние сме среќни дека тие се исклучително глупи“ (оригиналот е малку повулгарен) е најдобар индикатор за сеопфатен опис на оперативната подготвеност. Да ви телефонираат (преку медиуми) дека ќе прават офанзива едно дваесетина дена (не зборуваме за потфрлање на разузнавањето) и да не преземете ништо за да обезбедите барем правци за извлекување (пропаста во панично бегање и оставање опрема) зборува сѐ.

Накратко, од досегашните дејствија би заклучиле дека Русија, оперативно, војува катастрофално. Имаа лоши комуникации поради што загубија сериозни капацитети (опкружувањето на ОМОН во Харков, на пример). Но, што ако сето ова е само дел од едно сценарио? Што ако во сето ова има сериозна мисинтерпретација на вистинските намери? Што ако податоците за вистинската руска воена моќ допрва се видат и, без разлика на рамката во која сакаме да ги видиме (онака холивудски или според западниот модел на војување: маневар и маестралност во управувањето со ресурсите), Русија е спремна да даде многу жртви и да ја искористи масовноста? Што ако мобилизацијата е само увертира за конфликтот што треба да следува? Што ако документот за мобилизација на еден милион војници е реален?

Само за илустрација, неколку анализи „срамежливо“ укажаа дека бројката на руски војници во Украина е далеку помала од тоа што се мисли. Многумина веќе знаат дека напаѓачот треба да има меѓу 4-5 пати повеќе сила за да има изгледи за успех. Тоа го нема. Што ако Русија успее да ги среди недостатоците и научи да се адаптира? Внимавајте, мобилизацијата зема време, ресурси и бара период за адаптација за да биде ефективна. Без да навлегуваме во културните разлики со Западот што се клучни за моралот и за пристапот кон војната, што ако ова е чекор со кој Путин ќе биде пред Западот во конфликтот што ќе следува? Без да прејудицираме, драги мои, тоа како што ветивме ќе биде предмет на дебата во следниот број.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот