МНТ се задоволни од изминатата година на праизведби, гостувања, награди и признанија

Македонскиот народен театар изрази задоволство од бројните активности во изминатата година и покрај рестрикциите заради пандемијата.

-Зад нас останува уште една сосема успешна година, исполнета со висококвалификувана продукција од домашни и странски автори, современа драматургија, интимен театар, работилници, разговори и дискусии од процес до реализација на една претстава, отворена сцена – ПАНФИЗ, фестивали, гостувања, издавање монографија, начин на изразување на нови и стари уметнички форми препознаени од пошироката театарска јавност, а сето тоа е реализирано во рамките и можностите на протоколите за работа – извести Мила Анѓелковиќ од МНТ.

Од таму информираат дека на матичната сцена се реализирани четири премиерни изведби, две продукции на МНТ и две копродукциски претстави, а по премиерните изведби следуваа патувања на претставите и фестивалски претставувања, гостувања на домашната и странската сцена, како и гостувања на домашни и странски продукции на сцената на МНТ. Добиени се и награди за претстави, за режии, за најдобри актер и актерка, награди за монодрами, лауреат за најдобро актерско остварување, награди за животно дело итн.

– „Самоглас“ е првата праизведба/премиера што се оствари во мај и достигна голем успех и во нашата земја и надвор. Во септември со истата претстава гостувавме на 29. ФКТ „Ристо Шишков“, а првенката Звездана Ангеловска е единствен актер во историјата што по вторпат ја добива наградата лауреат за најдобро актерско остварување. Покрај актерката Ангеловска, во претставата со снимен глас игра и првенецот на МНТ, Никола Ристановски, како и гостинот од НОБ, балетанот Мирослав Митрашиновиќ. Со својот безрезервен талент и во потполн сјај тие ја претставија нашата земја на 16. Меѓународен фестивал „Јоакимфест“, Р Србија, каде што претставата ја доби и Специјалната награда на градот Крагуевац за извонреден музички концепт, велат од МНТ, додавајќи:

– Она што жирито на овој фестивал го воодушеви е музиката, која е разиграна, продолжена рака на длабокиот глас на отуѓеноста. Комисијата истакна дека „ова е ретко дело во кое музиката е потполн партнер и на актерот и на текстот и на режијата и на сценографијата и на филмот. Доминантен партнер“. Претставата е во режија на Марјан Неќак, а поставена е на текст на младата и неизмерно талентирана авторка Нина Плавањац.

Непосредно потоа следуваше и доделување на наградите на 55. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде награда за животно дело доби доајенот на Македонскиот народен театар, Емил Рубен, а актерот Јордан Симонов е добитник на наградата за главна машка улога, како Филип во претставата „Мој термин“.

Покрај успехот на театарската сцена, претставата „Самоглас“ е дел и од изложбата „Монодрамите и дуодрамите на МНТ“

Се реализираше и изложбата „Монодрамите и дуодрамите на МНТ“, од отворен, но и виртуелен тип, што е многу важно заради формата на која изминатата година беше ставен акцентот. По идеја и реализиција на Ивана Јарчевска и Мила Анѓелковиќ се прикажани 20-ина фотографии од монодрами и дуодрами, кои се центар на истоимената изложба поставена во фоајето на театарот.

– Гостувањата и наградите се нижеа, присуството и силата на актерот, сите негови умеења и вештини, посветеност и сигурност се неизоставен дел и носечки елемент на она што ја прави монодрамата, а првенецот на МНТ, Ѓорѓи Јолевски, за монодрамата „Последната лента на Крап“, која е во негова изведба и режија, на 22. Интернационален фестивал на монодрамата во Битола доби Гран-при за најдобра претстава и најдобра режија, посочија од МНТ.

Монодрамата „Последната лента на Крап“, во изведба и режија на Ѓорѓи Јолевски, доби Гран-при за најдобра претстава и најдобра режија на Фестивалот на монодрама во Битола

Изминатата сезона почна со проектот „Нема да биде крај на светот“ на младиот автор Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ. Како копродукциски проект меѓу два театри, претставата прво е одиграна на сцената на Сараевски ратни театар – САРТР од Сараево, БиХ, а потоа и кај нас. На театарскиот фестивал „Живифест“ во БиХ, жири-комисијата за оваа драма едногласно доделува четири награди: специјална награда за режија на Нина Николиќ, награда за најдобра актерка на Дарја Ризова, награда за најдобар актер на Саша Ханџиќ и специјална награда за актерска игра на Џана Џаниќ.

Копродукциската претстава „Нема да биде крај на светот“ во режија на Нина Николиќ доби четири награди во БиХ

По премиерната изведба во БиХ на „Нема да биде крај на светот“, следи претставата според вистински приказни. „Работи за кои не зборуваме“, во режија на Нела Витошевиќ, а во копродукција на МНТ и „Wonderland Theatre“. По успешната премиерна изведба, оваа современа драматургија патува на балканско-европска турнеја (Р Србија, Р Полска, БиХ, како и двете гостувања во Битола и во Штип) и за краток период ја освојува публиката на домашната и на странската сцена, а турнејата покажува дека претставата е и актуелна и универзална, но и колку е потребна размена на театарски искуства со други земји. Приемот на публиката кон претставата докажува дека таа комуницира и со публика што не го зборува нашиот јазик.

Претставата „Работи за кои не зборуваме“ во режија на Нела Витошевиќ имаше успешна балканско-европска турнеја / Фотографија: Кире Галевски

„Торонто експрес“ од домашниот автор Зоран Спасов – Ѕоф, во режија на Јордан Симонов и во изведба на Александар Микиќ е последната претстава за минатата година. Станува збор за урнебесна комедија што расплакува од смеа, но и од тага, и за која билетите се продаваат во рекордно време.

„Торонто експрес“ од домашниот автор Зоран Спасов – Ѕоф, во режија на Јордан Симонов и во изведба на Александар Микиќ е урнебесна комедија што расплакува од смеа, но и од тага

Од домашните гостувања пак, од МНТ ги издвојуваат својот настап со претставата „Отело“ на 18. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“ на сцената во „Ј.Х.К. – Џинот“ – Велес и на фестивалот „Скопско лето“. Модерната музичка драма „Самоглас“ гостуваше и на 42. „Скопско лето“, како и на 61. Интернационален фестивал „Охридско лето“, каде што МНТ ја подари и бистата од Ана Липша-Тофовиќ датирана во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“.

Претставата „Кец на десетка“, пак, гостуваше во рамките на манифестацијата „Струмица – Град на културата“ за 2021 година во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица. „Мој термин“ е претставата со која МНТ го отвори 55. МТФ „Војдан Чернодрински“.

За крај, од гостувања на својата сцена во МНТ ја издвојуваат „Поделби“ од авторот Добрица Ќосиќ, по драматизација на Спасоје Ж. Миловановиќ, а во режија на Југ Радивојевиќ. Гостувањето беше копродукциски проект меѓу Српско народно позориште – Нови Сад, Народно позориште – Ниш и Народно позориште – Приштина, со седиште во Грачаница. Гостуваа и театарските куќи од државата, меѓу кои: Театарот „Ј.Х.К. – Џинот“, Велес, со танцовиот перформанс „Петтото годишно време“ и НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово со претставата „Драма изгубена во времето“.

Годината заврши со издавањето на монографијата „Акт – Театарот низ фотографии“, забележано со објективот на фотографот Кире Галевски и МНТ како издавач. Анѓелковиќ додава дека нејзината промоција ќе биде во текот на оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот