МНТ подари биста со наслов „Орфеј на Ана“ на фестивалот „Охридско лето“

Македонскиот народен театар во чест на 61. роденден на „Охридско лето“ на 4 август на раководството на фестивалот им подари бронзена биста од Ана Липша-Тофовиќ. За роденден на фестивалот се смета денот кога оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ во 1961 година го означи почетокот на „Охридско лето“. Бронзената биста на Ана Липша-Тофовиќ е дело на академик Димо Тодоровски, датирано во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“.

– Во договор со синот на Ана Липша-Тофовиќ, МНТ излеа, според оригинална гипсена биста, три сигнирани копии во бронза од кои една е во сопственост на д-р Стефан Тофовиќ, една е дел од музејската поставка на МНТ, а една се предава на НУ „Охридско лето“.

Ликот на Орфеј во „Орфеј и Евридика“ на Кристоф Вилибалд Глук е желба на Ана Липша-Тофовиќ, која во 1950 година премиерно ја изведува во Операта при МНТ. Токму таа страст и големина на ликот скулпторот Тодоровски ја преточува во елегантна и суптилна форма, со задржана лиричност, строга поетичност на чувствата и голема симболика во преточувањето на ликот на Орфеј и можностите на Ана Липша-Тофовиќ – објаснува Ивана Јарчевска, раководителка на Музејот при МНТ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 92, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот