МНР за забраната за влез: Ковачев не е ризичен, но беше во ризично друштво

Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија, но процесот на уставните измени е сензитивен па нема простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на нивно успешно спроведување, порачаа од македонското МНР.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев останува на ставот дека македонската страна мора да му се извини за збраната за влез во земјава, но наместо извинување доби објаснување од македонското Министерство за надворешни работи дека во групата со која патувал во Македонија имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи имало сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност.

Според МНР, за Владата приоритетно прашање е членството во ЕУ, па за таа цел се ставени на располагање сите владини и административни ресурси за успешно завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер – фундаменти. Паралелно, како што велат, се работи и на уставните измени кои влегуваат во клучна фаза, каде за кратко време работната група треба да излезе со предлог амандманите. Оценката на МНР е дека сензитивноста на овој процес не остава простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на успешното спроведување на измените.

„Во таа насока, на 6 мај, на граничниот премин Ново Село, ‘поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија‘. Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во МВР има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал“, соопштија од МНР.

Оттаму сепак порачуваат дека секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија.

Во меѓувреме Ковачев кој рече дека Македонија ја пречекорила црвената линија и направила огромна грешка ја доби поддршката од колегите во Европскиот парламент (ЕП). Претседателката на ЕП, Роберта Мецола ја опиша забраната за влез на Ковачев во Северна Македонија како „инцидент кој е за длабоко жалење“ и појасни дека како парламент ќе го заштитат правото на секој од нивните членови да го извршува својот мандат.

-Ќе бидам во контакт со претставниците на С. Македонија за да ја разјаснам ситуацијата, вели Мецола.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји претходно на Твитер напиша дека Европската комисија го осудува одбивањето на Северна Македонија да му дозволи на европратеникот Андреј Ковачев да влезе на нејзина територија, а одбивањето да се прими член на ЕП го оквалификува како „многу сериозна одлука“.

Прашањето во ЕП го покрена пратеникот на Европската народна партија, Мајкл Галер, кој го опиша инцидентот како „неприфатлив“ и нагласи дека Ковачев патувал со дипломатски пасош и без никакво објаснување му бил забранет пристапот на територијата на Северна Македонија.

Оценката на политичкиот аналитичар Петар Арсовски е дека за одбивање на влез во државава треба да има легитимна причина, иако формално, како што вели, не мора да се даде објаснување. Може да се работи за некаква безбедносна проценка, закана по јавен ред и мир, закана за некакви иредентистички активности и слично. Но, додава тој, кога станува збор за случај како овој со Ковачев, најмалку што треба да се направи е да се биде малку потранспарентен со другата држава, бидејќи се работи за европски пратеник со дипломатски пасош.

Според Арсовски, реакцијата од Европскиот парламент е очекувана и нормална и тој не исклучува реципроцитет од бугарска страна или некаква сериозна реакција, а најмалку што може да се очекува е протестна нота.

– Во основа кога одбиваш влез на таков високопрофилиран политичар треба да имаш многу добро објаснување дури и ако не е тоа јавно кажано. Треба сериозна причина зошто тоа го правиш. Ние се надевам дека ја имаме и дека можеме кај тие што се заинтересирани да ја аргументираме како што треба. Лошо ќе биде ако се работи за хир, вели Арсовски за „Слободен печат“.

Тој уште додава дека претходните изјави на Ковачев за Македонија и Македонците не може да биде причина за чекор како што е забраната за влез.

За што може да се изрече забрана за влез во земјава? Според Законот за странци, меѓу другото, не се дозволува влез на лице кое претставува закана за јавниот поредок, националната безбедност, јавното здравје или за меѓународните односи на Република Северна Македонија.

Инаку, Ковачев во изјавите за бугарските медиуми обвини дека претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски правеле „црни списоци“. Од кабинетот на Пендаровски денеска немаше никаков коментар за обвинувањата и за целиот случај. Но, се огласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски со изјава дека забраната за влез на Ковачев била „соодветен и задоцнет потег“ .

-Реакцијата на властите покажува две работи и двете се погрешни. Прво, ако некој што не ги исполнува условите да биде добредојден гостин во земјава и тоа можело да се случи пред 2-3 дена, се поставува прашањето зошто истото не можело да се случи пред 2, 3 или 4 години кога се разгореа страстите и се случија одредени понижувања кај македонскиот народ. Втората е грешката со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Од август 2017 година, кога беше потпишан овој договор, секој месец како две земји докажуваме дека по неговото потпишување, нашите односи само се влошуваат, а тоа е апсурдот, вие потпишувате договор за пријателство и добрососедство, а се случуваат двојно повеќе кавги и недоразбирање, изјави Милошоски.

Македонската гранична полиција, согласно Законот за странци, во саботата не им дозволи влез во земјата на бугарскиот европратеник од ГЕРБ, Андреј Ковачев, како и на Милен Врабески и уште тројца Бугари, кои како и секоја година тргнале да учествуваат на панихидата за починатите на бугарските воени гробишта во струмичко Ново Село.

„Македонската полиција нема да дозволи ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата“, соопшти МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот