МНР уште се опоравува од нестручното владеење на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ

Фото: МНР

Во врска со денешната партиска трибина на ВМРО ДПМНЕ за работата и активностите на  дипломатијата на Република Северна Македонија, Министерството за надворешни работи реагира дека денеска се соочува со сериозни системски недостатоци кои се резултат на долгогодишнo нестручно работење и длабоко партизирираниот пристап во водењето на институцијата во времето кога со МНР раководат министри од ВМРО-ДПМНЕ. Од МНР во соопштение информираат дека Министерството дополнително ќе достави детали до јавноста за работата на куќата во времето кога со МНР раководеле кадри на ВМРО ДПМНЕ.

Со денешната партиска трибина на ВМРО ДПМНЕ уште еднаш на јавна сцена ја видовме штетата која оваа партија ѝ ја нанесе на дипломатијата преку партизацијата на Министерството токму за време на министерувањето на лицата од трибината. Изминативе години, во работењето на институцијата за прв пат не е важно партиското убедување на дипломатите кои со децении политичките партии ги делеле на наши и ваши. Покрај тоа, во овој иминат период под секое ниво биле сведени стручноста и непристраната работа на дипломатите и амбасадорите. Во тој период, за први луѓе по амбасадите биле праќани слаткари и слично – со кои тешко може да се изгради непристрасна и објективна професионална работа на дипломатите, велат од МНР.

Оттаму нагласуваат дека  досегашниот дипломат и синдикален лидер, Дабиќ, целосно ги напуштил принципите на дипломатијата, и уште повеќе, оние на синдикалното здружување.

Постапувајќи строго според партиските амбиции, не само што го нарушува угледот на дипломатијата, туку ги загрози и можностите на вработените за вистинско синдикално претставување. Од почетокот на мандатот на актуелниот министер, вработувањата, унапредувањата и испраќање на мисии се врши преку интерни огласи, согласно законските процедури, а овие активности се вршат според мерит-системот, почитувајќи го и принципот на етничка и родова дистрибуција. Секој вработен имал и има можност покрај секојдневните обврски во Министерството, да биде вклучен во бројните работни групи и проекти изминатите две и пол години, неврзано за партиски, етнички или било какви други поделби, за што можат да посведочат самите вработени, велат од МНР.

Оттаму нагласуваат дека гостувањето на поранешниот амбасадор Дабиќ денеска се случува   само неколку дена по неговото заминување во пензија и не во стручна, објективна дебата туку на партиски собир, од каде малку е веројатно дека ќе се добие објективна слика за дипломатијата на Северна Македонија.

Со ова тој само потврди дека неговото делување како претстедател на еден од синдикатите во МНР било мотивирано само од партиски и политички цели, а не од професионални и дека целта на тоа делување не било подобрување на условите за вработените во МНР туку негова лична промоција и себичен интерес, како и спроведување на интересите на политичката партија на која очигледно и припаѓа, велат од МНР.

На денешната панел дискусија на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија” обраќање имаше амбасадорот и претседател на Македонски дипломатски синдикат Зоран Дабиќ кој зборуваше за како што рече, „шемата по која во МНР се прават унапредувања на поединци без никаква законска основа и за тоа како тие како синдикат се справуваат со оваа негативна појава“.

Тој потенцираше дека последните 7-8 години би можеле да се поделат во два периоди, односно дека во првиот период се вршело масовно вработување на партиски кадри, а во вториот се вршело унапредување на истите тие кадри.

Тој исто така ја објасни и шемата која се злоупотребува за брзо унапредување на одредени лица во МНР, иако во дипломатијата исто како во војската треба да има периоди од кариерата во која се стекнува одреден чин.

„Системот е едноставен. На одреденото лице кое сакате да го унапредите му давате функција национален координатор за некоја област и автоматски поради титулата добива едно звање, унапредување и после три месеци таа титула му се одзема и се дава на друг за да иде истиот систем, а него по дискреционо право му се дава второто звање. Дискреционото право е нешто што по исклучок треба да се прави, меѓутоа се користи во овој врзан систем за двојни унапредувања. И така имате ситуации во кои буквално за една година од низок ранг дипломати добивате среден ранг дипломати, или пак други дипломати од среден ранг во највисок ранг дипломати, иако во дипломатијата исто како во војската има периоди за секој во војска чин или за секое звање, три четири години мора да бидете поручник, па мајор, па капетан. Овој е само еден од начините како тоа правило се заобиколува”, рече Дабиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот