МНР: Неоснована е загриженоста за конкурсите за испразнетите места во ДКП

Фото Архива

Неосновани се причините за загриженост од објавувањето интерни конкурси за пополнување на испразнетите работни места во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) на Република Северна Македонија во одреден број држави или меѓународни организации, порачува Министерството за надворешни работи во реакција на соопштението на Македонскиот дипломатски синдикат.

„Се работи за редовна ротација на дипломати кои, по истечениот период, се враќаат во Министерството од работа во ДКП и треба да бидат заменети со други, со цел оптимално функционирање на претставништвата. Очекуваме од членовите на новоформираниот Македонски дипломатски синдикат, кој брои околу 70 формални членови, како професионални дипломати да се свесни за овие редовни работни процеси во Министерството“, велат од МНР.

Ротацијата, додаваат, ќе биде извршена, како и до сега, согласно одредбите на Законот за надворешни работи и Правилникот за упатување на дипломатите на работа во ДКП, со почитување на сите предвидени рокови и во транспарентна и конкурентна постапка, која ќе обезбеди еднакви услови за секој пријавен кандидат, а изборот ќе се изврши врз основа на утврдени критериуми со кои се валоризираат резултатите од работата.

„Како што му е познато на Синдикатот, во Правилникот за упатување од 2018 година, за прв пат е регулирана улогата на Синдикатот во оваа постапка, со овозможување истиот да биде вклучен со свој член во Комисијата за избор. Ваквиот начин на избор на кандидати за работа во ДКП се спроведува веќе во неколку изминати циклуси, во кои беше вклучен Синдикатот на македонската дипломатска служба, кој што е активен повеќе од две децении и брои 230 членови со уредно платена членарина. Овој нов Синдикат ќе ја има истата можност да се увери во настојувањата на Комисијата да бидат предложени и избрани најсоодветните кандидати за секое од испразнетите работни места во ДКП“, посочуваат од МНР.

Индикативно е, додаваат, тоа што се најгласни тие што 11 години молчеа на бруталното прекршување на синдикалните права. И сега, кога во МНР има поголем акцент на професионализација од кога било, со 19 амбасадори кариерни дипломати, и ниту едно преземање и директно поставување на раководна позиција, под наводно залагање за истите вредности, практично се попречува нормалното функционирање на дипломатската мрежа.

Македонскиот дипломатски синдикат вчера изрази загриженост поради објавувањето на 21 интерен оглас за упатување дипломати во ДКП. Според Синдикатот, конкурсот се распишува во сензибилен период кога веќе е договорен датум за предвремени парламентарни избори со што се отвара простор за политичка злоупотреба на редовниот циклус на ротација во дипломатско-конзуларните претставништва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот