МНР не отстапува од едностраната изјава за македонскиот јазик

Бујар Османи
Бујар Османи / Фото: Фејсбук, Бујар Османи

Изјавата содржи делови од Уставот, Резолуцијата на Собранието и заклучоците од собраниската седница за информацијата за францускиот предлог, велат од МНР кое нема намера да ја повлече или коригира едностраната изјава од Протоколот

Министерството за надворешни работи (МНР) нема намера да ја повлече или коригира едностраната изјава за македонскиот јазик, објаснуваат оттаму зашто првенствената цел е да се осигура употребата на чиста формулација за македонскиот јазик, без какви било објаснувања, додавки или фусноти, во документи на Советот на Европската Унија.

– Во таа функција, со оваа изјава се соопштува нашата позиција, пропишана во Уставот за македонскиот јазик како службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи – велат од МНР.

Изјавата содржи делови од Уставот, Резолуцијата на Собранието и заклучоците од собраниската седница за информацијата за францускиот предлог, додаваат од Министерството.

– Поради форматот на унилатералната изјава, даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите кои се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија, а тоа се централните говори на западното македонско наречје односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево. Поради ограничувањата поврзани со форматот и целта на унилатералната изјава, наведени се само неколку информации и податоци поврзани со јазичниот, просторен и временски континуитет на македонскиот јазик кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ како и неговото значајно место во славистиката и лингвистичката наука – велат од МНР.

Мицкоски се чуди зошто го појаснуваат јазикот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, не ја гледа потребата на Владата да го појаснува македонскиот јазик и најави дека кога ќе дојдат на власт ќе бараат одговорност.

– За реакцијата на лингвистите постојано има комуникација, и вчера и денес, и од министерот за надворешни и министерката за култура очекувам во текот на денот нешто да се каже. Има интензивна комуникација во тој дел. Мислам дека може да бидат покриени сите грижи за сите да бидеме сигурни дека не сме направиле ништо негативно врз нашиот јазик или неговиот карактер – рече вчера Маричиќ, но не прецизира во која насока ќе биде позицијата на МНР за декларацијата.

Мицкоски вели дека на луѓето просто не им се верува дека некој македонски политичар може да стави потпис на таков документ како што стави Владата.

– Посебно се потресени од едностраната изјава на Владата за значењето на македонскиот јазик. И не знам зошто е потребно македонската Влада да го појаснува македонскиот јазик, да го дополнува, кога македонскиот јазик има своја јасна антропологија уште во времето на многу преродбеници во минатото и е кодифициран и стандардизиран – вели Мицкоски.

Тој вели дека не ја гледа потребата на Владата да го ограничи јазикот на територијата на денешна Македонија.

– Шокантно е сето ова. Ќе имаме многу за коригирање кога ќе ја преземеме Владата. Овие политичари ќе бидат изведени на одговорност. Ако некој мисли дека ова ќе се заборави и дека секоја работа ќе трае два–три дена, се лажат. Ова длабоко ќе остане врежано во меморијата на секој Македонец, но и во нашата. И наша обврска е да им го поставиме вака во лице уште еднаш тоа прашање кога ќе дојде денот – рече Мицкоски.

Од СДСМ повторија дека македонскиот јазик е заштитен со чиста формулација, без фусноти и придавки, и дека тој ќе биде рамноправен со другите јазици на Европската Унија.

За ВМРО-НП македонскиот јазик е чист

Младите македонисти информираа дека за поддршка и потпишување на Прогласот за заштита на македонскиот јазик и книжевност и на македонистиката, отворена е и електронска форма преку којашто може да се даде поддршка и да се потпише Прогласот. Оттаму велат дека уште не добиле одговор од институциите на барањето едностраната изјава од Протоколот веднаш и во целост да биде повлечена, бидејќи со неа не се почитуваат востановените научни сознанија и утврдени факти за македонскиот јазичен, книжевен и, воопшто, културен идентитет, зад коишто стои не само домашната и странската македонистика, туку и современата светска славистика, лингвистика, книжевна наука и историографија.

Со реакции за едностраната изјава веќе се огласија и научните работници од МАНУ, од Филолошкиот факултет од Скопје, од Институтот за македонски јазик, институтите за македонска литература и фолклор и од Катедрата за македонски јазик и книжевност на штипскиот универзитет. Преку допис, овие институции информираа дека изјавата ја сметаат за нелегитимна.
За партијата на Љубчо Георгиевски ВМРО-НП македонскиот јазик е чист.

– Најновата хистерија повторно го врати македонскиот јазик на прво место, и покрај тоа што е кристално јасно дека за цела Европска Унија и за цел свет македонскиот јазик е чист и непроблематизиран. Факт е дека Република Бугарија, за да излезе од спорот ѝ дала зелено светло на Европската Унија да го прифати македонскиот јазик, со тоа што таа останува на своите позиции дека за неа тоа е бугарски дијалект. Јасно е дека таа ѝ има дозволено на ЕУ со нас да комуницира на македонски јазик што може да се смета за огромна победа и успех во одбраната на македонскиот јазик како идентитетско прашање со оглед на аргументите и доказите со кои располага бугарската наука – велат од ВМРО-НП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот