МНР: Инсталираме базни станици во ДКП-ата во странство за издавање пасоши

МНР / Фото: Слободен печат/ Ристе Пејовски

Иако Министерството за надворешни работи направи напори да им овозможи непречено движење на македонските граѓани и покрај истечениот рок на пасошите, идејата се покана како неуспешна. Откако претходно „Слободен печат“ пишуваше за неуспешните обиди на неколкумина наши сограѓани да излезат или да влезат во државава без важечки пасош, денеска побаравме одговор од МНР како ќе се реши проблемот на стотици луѓе кои се буквално заглавени во странство, како и тие кои живеат во Македонија а мораат неопходно да заминат поради лекување во странство или на студии.

Министерство за надворешни работи, како надлежна институција, ќе продолжи да ги вложува сите напори за да им излезе во пресрет на нашите граѓани во странство кои поради рестриктивните мерки се соочија со дополнителен предизвик за обнова на своите патни исправи. Со цел упростување и забрзување на постапката за поднесување барања и издавања на пасоши во нашите ДКП- а во странство, во тек е инсталирањето на 9 базни станици во ДКП-ата каде што има најмногу апликации за пасоши (вклучувајќи ги и прекуокеанските земји) како и дополнителни 6 мобилни станици (кои дополнително ќе бидат пратени до одредени ДКП-а во зависност од интересот за аплицирање за пасоши). Базните станици се пред неколку дена преземени од МВР од страна на МНР и се очекува во наредниот период да бидат инсталирани во ДКП-ата и ставени во функција. За наведеното, припадниците на дијаспората ќе бидат благовремено информирани преку нашите ДКП-а. Инаку, соодветни лица од МНР веќе беа на обука во МВР со цел запознавање со надградбата на информатичките системи на базните станици кои треба да се инсталираат во ДКП ата, информираат од МНР за „Слободен печат“.

Претходно министерот Бујар Османи рече дека разговарале со претставници на државите, но ако не успеат да добијат разбирање, ќе испратат наши екипи во сите држави каде што  има наши сонародници кои се заглавени на некој начин поради истечените пасоши, да ги фотографираат и да им издадат пасош.

Од друга страна, македонската дијаспора се жали дека поднесувањето барање за пасош во нашите амбасади во странство е речиси невозможно.

„Да се поднесе и добие пасош во нашите амбасади е скоро невозможно, односно е поврзано со долга и нејасна постапка. Затоа најчесто сме приморани да ја почнеме таа постапка во Македонија, дури и во време на пандемија и други непредвидливи бариери за прекугранично патување. Исто така овие патувања се поврзани со дополнителни финансиски оштетувања, а не секогаш и се возможни бидејки тука имаме работни обврски“. Ова е заеднички став на македонската дијаспора, која се обедини со цел координирано да делува за да ги подобри условите во конзуларно-дипломатските претставништва.

– Ние што немаме визи засекогаш во Австралија невозможно е и да се вратиме во Македонија, т.е. може, но не смееме да се вратиме назад во Австралија. Пасошите од децава истекуваат за месец, два а треба да аплицираме за постојана виза во Февруари 2022. Од конзулатот ни кажаа до крајот на годинава нема да дојде мобилната станица. Ова е малтретирање над сопствениот народ. Срамота невидена, 21 век е а чекаме пасош повеќе од една година, вели наш иселеник во Австралија.

Измената на Законот за патни исправи беше направена со цел да им се излезе во пресрет на потребите на голем број наши граѓаните кои поради пандемијата, рестриктивните мерки, карантините и другите отежнати услови, во нашава земја, но и надвор од неа, во дијаспората, беа спречени навремено да ги продолжат своите документи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот