Многу тесни улички на патот до широка влада

лидерска Ковачевски Мицкоски Фото МИА

Нереални се барањата на Мицкоски за одложена важност на уставните измени, најмногу што може да се изведе е понудата на Ковачевски – одложувањето да биде до Втората меѓувладина конференција. За гаранциите што ги бара Мицкоски за македонскиот идентитет, јазик, култура, наскоро германскиот Бундестаг ќе изгласа таква резолуција, велат од СДСМ

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски се очекува вечерва да добие овластување од највисоките партиски тела да ги продолжи разговорите со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за пакет понудатауставни измени, опозициската партија да стане дел од широка влада, која потоа би организирала предвремени парламентарни избори. Не се очекува на состаноците на Извршниот и на Централниот одбор на социјалдемократите да се разговара за детали од идната стратегијата како целиот процес да се финализира успешно, односно поентат е дека највисоките партиски тела ќе му дадат одврзани раце на Ковачевски да го турка процесот.

Можно е да се формираат и работни групи или партиски тимови за преговори со ВМРО-ДПМНЕ, информација која веќе ја спомена вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, но според висок функционер од СДСМ, предходно би следела нова лидереска меѓу Ковачевски и Мицкоски на која би се утврдило дали предлогот на социјалдемократите е прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ.

Иако СДСМ официјално изјавува дека ВМРО-ДПМНЕ де факто го променила ставот и прифатила уставни измени и учество во влада за европска иднина на паритетна основа, сепак неофицијално, висок функционер од партијата вели дека ако партијата на Мицкоски прифати да гласа за уставните измени, допрва ќе се преговара за влез на ВМРО-ДПМНЕ во широка влада, односно кои ресори би ги добила. Ако тргне работата, допрва ќе се градат позициите и за предлогот на Мицкоски преодната влада да не ја предводи премиер Албанец, туку премиер избран од мнозинството во Собранието. Според функционерот, нереални се барањата на Мицкоски за одложена важност на уставните измени и дека најмногу што може да се изведе е понудата на Ковачевски одложувањето да биде до втората меѓувладина конференција. За гаранциите кои ги бара Мицкоски за македонскиот идентитет, јазик, култура, од СДСМ велат дека наскоро германскиот Бундестаг ќе гласа таква резолуција.

Неофицијално очекувањата се менаџирањето на целиот процес да го туркаат и меѓународните претставници.

Маричиќ во интервју за МИА изјави дека вечерва ќе ги додефинираат наредните чекори со конкретни идеи околу работните групи со опозицијата.

Ние имаме комуникации постојано, меѓутоа официјално ќе се обратиме до опозицијата за да го отвориме овој дијалог. Попладнево ќе ги додефинираме овие наредни чекори и ќе настапиме брзо во една интензивна акција во комуникација со опозицијата да седнеме и да не губиме време, да го искористиме овој позитивен момент и позитивна енергија која произлезе од лидерската средба и растоварени од претходните ставови“, вели Маричиќ.

Тој вели дека е важно што опозицијата се поместила од мртва точка и на некој начин го променила досегашниот цврст став дека по ниедна цена нема да има уставни измени.

„Добро е што ја увидоа, ја согледаа потребата од консензус и од, да речам, една позиција во која што нема самите себе да се блокираме како држава и сега останува таа добра волја да ја покажат и на дело. Од Владата имаат подадена рака, премиерот и на лице место даде конкретна понуда за редоследот на чекорите“, рече Маричиќ.

Според него, опозицијата не ја отфрлила таа идеја и дала само некои дополнителни услови и за тоа вреди да се седне и да се разговара.

Наспроти позицијата на СДСМ кој чека опозицијата да се изјасни дали е прифатлив предлогот на Ковачевски за да продолжат преговорите, од ВМРО-ДПМНЕ за следниот чекор исто така чекаат абер социјалдемократите да се изјаснат дали за нив е прфатли нивниот предлог – уставните измени да важат откако Македонија ќе стане членка на ЕУ, широка или преодна влада без ДУИ која ќе организира избори и гаранции од Европскиот совет за македонскиот идентитет.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски за очекувањата од состаноците на партиските органи на СДСМ рече дека Ковачевски треба да си поднесе оставка.

Чудно е што Ковачевски денеска држи состаноци за предлози што претходно ги одби што е доказ за негова погрешна проценка. Би требало да поднесе оставка и заради тоа и заради сите кризи што во коишто ја втурна Македонија. Нервозата е во СДС затоа што ДУИ оди во опозиција и дел од разумните во таа партија знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе води бескомпромисна борба со криминалот во сите редови. Ако не грешеле не треба да се нервозни. Очекуваме Ковачевски да си поднесе оставка“, рече Стоилковски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, во интервју за Сител рече дека на лидерска средба со Ковачевски понудил три датуми за избори есенва или широка влада, како и заштитен идентитет и брза интеграција во Европската унија.

Му го кажав мојот предлог за избори кои би се случувале оваа есен, како три можни датуми ги предложив 24 септември, први или осми октомври. Да одиме на избори, тој кој што ќе биде поразен да го поддржува победникот во одбрана на националните интереси. Значи да бараме гаранција за многу вековниот македонски идентитет, култура, традиција, посебност, обичај и јазик од Европскиот совет и преземав обврска преку премиери на земји членки таа точка да ја ставиме на дневен ред. И бидејќи сите велиме никој нема против македонскиот идентитет тогаш нема причина зошто таа точка да не биде на дневен ред и да се добие таков документ кој што ќе биде потврда на македонскиот идентитет, од страна на највисокото европско тело, а тоа е Европскиот совет, каде што членуваат шефови на влади и држави од земји членки на Европска Унија. А од друга страна ќе ги видиме вистинските намери на нашиот источен сосед, дали е идентитетот проблем или не е“, вели Мицкоски.

Тој додаде дека важно е да важат уставните измени тогаш кога Македонија ќе стане земја членка на ЕУ и повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да поддржи какви било уставни измени кои ќе значат неизвесност во процесот на преговори.

Иако и Ковачевски и Мицкоски предлагаат широка влада во која би партиципирале и опозициските партии на Албанците, ниту Беса, ниту Алтернатива не се изјаснуваат дали би биле дел од таква преодна влада.

„Во моментов не можеме да дадеме изјава за разговорите на лидерската средбата без учество на ниту еден албански претставник. За Движењето Беса не е важно дали ќе учествува или не во техничката влада, за нас е важно навредливата формулација „20 отсто“ да се тргне од Уставот, и да се заменат со албански јазик. Ако има таква понуда, секако за тоа ќе одлучуваат партиските органи“, велат од Беса.

И од Алтернатива велат дека засега нема таква понуда и дека не може да зборуваат хипотетички.

„Ако има, за тоа ќе видиме кој би бил форматот и која е агендата. Секако за сите такви понуди, ќе одлучат партиските органи. Досега со нас никој нема разговарано“,  велат од Алтернатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот