Многу сметки не можат да се скенираат за поврат на ДДВ

Многу граѓани реагираат дека дел од сметките успешно ги скенирале, но дел од сметките, и покрај сите обиди, останале нескенирани, со што не се евидентирале за поврат на ДДВ.

Наша сограѓанка, држејќи 6 сметки во рака, вели дека успешноста во скенирањето ѝ е 50 отсто.

– Од 6 сметки, 3 сметки веднаш ги скенирав, но за 3 сметки скенирањето воопшто не реагираше – ни вели нашата сограѓанка.

Незадоволна е и скопјанката која вели дека завчера, на првиот ден од воведувањето на повратот на ДДВ, направила поголема сметка во еден маркет, но се разочарала оти сметката не можела да ја скенира.

– Најголем промет правиме во големите маркети и ако тие сметки ни останат нескенирани, за каков поврат на ДДВ зборуваме – вели нашата соговорничка.

Во УЈП приложивме повеќе сметки од наши граѓани што не можеа да ги скенираат. Оттаму  велат дека граѓаните имаат можност за поврат на ДДВ за секоја фискална сметка и тоа право нема да им биде скратено.

– Под претпоставка дека станува збор за исправен паметен телефон, можно е баркодот од фискалната сметка да биде оштетен или да биде нецелосно отпечатен од фискалниот принтер, поради нецелосна техничка исправност на фискалниот апарат или речиси целосна искористениот на тонерот. За овие случаи ги повикуваме граѓаните во организациските единици на УЈП (вкупно 36), каде што со помош на службениците на УЈП ќе можат да ги скенираат овие фискални сметки на киоск-апаратите или баркод-скенерите кои можат да прочитаат и делумно оштетени фискални сметки – вели Богданка Кузеска, портпарол на УЈП.

Таа објаснува дека постои можност и службените лица на УЈП да извршат службен внес на податоците од фискалната сметка, за оние фискални сметки што нема да можат да бидат скенирани и од киоск-апаратите и од баркод-скенерите на УЈП, така што и за овие сметки постои можност да се пријават и граѓаните ќе можат да го остварат правото на поврат на ДДВ.

Вчера во нашата Редакција стигна и поплака од еден сограѓанин, кој купил бурек со јогурт, а во делот за ДДВ пишувало дека износот е нула.

Од УЈП потсетуваат дека оние со помал годишен промет од еден милион денари не се ДДВ-обврзници.

– Малите даночни обврзници, односно даночни обврзници кои во претходната година оствариле промет понизок од 1.000.000 денари, немаат обврска да бидат регистрирани за целите за ДДВ, односно немаат обврска да пресметуваат ДДВ, меѓутоа имаат обврска да издаваат фискални сметки. Врз основа на наведеното, граѓаните не можат да го остварат правото на поврат на ДДВ од причина што ДДВ воопшто не бил платен – велат од УЈП.

Но, како што велат од УЈП, малите даночни обврзници можат да изберат доброволно да се регистрираат за целите на ДДВ независно што прометот за претходната година бил понизок од еден милион денари.

Најголем дел фискални од такси-услуги не може да се искористат

Поголем дел од таксистите немаат фискален апарат поврзан со УЈП, велат од даночната служба.

Оттаму објаснуваат дека таксистите се ДДВ-обврзници, но фискалните апарати не мора да им бидат поврзани со УЈП.

Во изминативе неколку години за таксистите постојано се продолжуваше рокот за воведување и регистрација на фискални апарати со вграден ГПРС-уред. Со последната одлука, рокот е пролонгиран до 31 декември 2019 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот