Многу прашања за Охис останаа неодговорени

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Метил акрилатот од кругот на „Охис” е безбедно складиран, а бетонскиот базен во кој се излеал, е исчистен, покриен со пилевина и испран со варова вода, рече Хусни Тачи од Државниот инспекторат за животна средина во вечерашната „Топ тема”.

Според него, при хаваријата што се случи во петокот, излеаните количини метил акрилат не биле високи, а и нивното негативно влијание било минимизирано.

Допрва ќе се утврдува евентуална одговорност за фирмата „Екоцентар 97″ ДООЕЛ, која иако без лиценца, била ангажирана за складирање на хемискиот отпад и јавноста за тоа ќе биде информирана. Максималната казна предвидена со закон е 100.000 евра, но прво, како што нагласи Тачи, треба да се утврди дали постои загрозување на здравјето на луѓето и на животната средина.

– Истекувањето било од испирање на резервоарот, а количините што се излеани не биле чист метил акрилат. Според нашите сознанија, имало 24-часовен мониторинг, но веројатно не било забележано поради правецот на дување на ветерот. Сепак, излеаните количини се соодветно складирани. Се претпоставува дека имало 11 тони, но колку биле навистина дополнително ќе се утврдува. При излевањето, количините што испариле биле мали, а и нивното негативно влијание било минимизирано. Количините се излеани во бетонски базен. Веднаш се преземени активности за ставање во буриња кои биле затворени за да нема испарување. Тие се складирани и безбедни, а потоа се преземани мерки за чистење на базенот, истакна Тачи.

Инспекторатот, додаде, немал сознанија од „Екоцентар 97″ ДООЕЛ дека врши препакување на опасниот хемиски отпад.

– Постапката за „Екоцентар 97″ е во тек. Кога ќе има конечност, ќе ја известиме јавноста, рече Тачи.

На ова реагираа лекарот Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија и Ели Пешева од еколошката иницијатива О2, според кои, институциите затаиле.

– Зошто граѓаните пријавиле, наместо институциите, а и колку што знам, метил акрилатот не се измива со вода. Потребните мерки не се преземени. Видовме дека луѓето таму влегуваа без никаква заштита, надвор стоеја и припадници на МВР, исто така без заштита. При ваква хаварија, според европските стандарди, во радиус од 50 метри не смее никој да се приближи без заштитна маска и облека, рече Чибишев.

Се надоврза Пешева, дека многу прашања околу целиот случај останаа неодговорени.

– Ова што се случи деновиве е крајно неодговорно и претставува загрозување на животот на граѓаните и на животната средина. Многу прашања останаа неодговорени, што испарило и како е ангажирана фирмата за складирање и уништување на хемискиот отпад зашто нема лиценца, рече Пешева.

Во „Топ тема” учествува и Нане Перо, поранешен инженер во „Охис”. Тој повеќе се осврна на линданот, потсетувајќи се колку бил токсичен.

– Линданот одеше како алва, додека не го забранија во Германија, Франција, Русија. Потоа, кога немавме каде, алфа и бета изомерите, како и делта што е многу опасен, моравме да ги складираме како нус-производи кои до денес останаа во кругот на фабриката. Гама изомерот се екстрахираше со метил алкохол, кој е исто така многу токсичен. Кога одевме на работа, ни мирисаше не само облеката, туку и кожата, истакна Перо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот