Многу нешто смрди во „Јавната соба“

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Изворот на таа вест е порталот „Лидер“, а тоа со новинарството – а уште помалку со „истражувачкото новинарство“ – има врска колку што во синџирот на (новинарска) еволуција мајмунот има врска со човекот, мора да се предупреди на крајна внимателност во понатамошното третирање на различни аспекти на оваа афера и потеклото, членовите и администрирањето на групата на „Телеграм“.

Знам дека сите денеска ќе се занимаваат со нешто друго, ама, еве, јас ризикувам и да бидам погрешно сфатен, а и самиот да „дувнам на јогурт“, за секој случај…

Имено, по информацијата објавена вчера вечерта, дека на групата „Јавна соба“ која оперира преку руската социјална мрежа „Телеграм“, по пат на „новинарско истражување“, е откриено дека се наоѓа и телефонскиот број на Сашо Мијалков, работата, наеднаш, почнува да „смрди“ повеќе одошто е вознемирувачката непријатност на самиот скандал за споделувањето на тинејџерски фотографии со непристојна содржина помеѓу илјадниците членови на ова дигитално, недозреано друштво составено од наши деца.

Бидејќи изворот на таа вест е порталот „Лидер“, а тоа со новинарството – а уште помалку со „истражувачкото новинарство“ – има врска колку што во синџирот на (новинарска) еволуција мајмунот има врска со човекот, мора да се предупреди на крајна внимателност во понатамошното третирање на различни аспекти на оваа афера и потеклото, членовите и администрирањето на групата на „Телеграм“.

Дали Мијалков имал или немал свој „акаунт“ во таа група, ќе го покаже истрагата што се води во МВР. Но кога во една реченица ќе го ставите „Лидер“ и „руска социјална мрежа“, не знам зошто, но почнува да се шири незапирлива комуникациска смрдеа, како онаа од балканското ѓубре со потекло од италијанската мафија.

Мијалков е една од најконтроверзните личности во современата македонска политика и омразата кон него – со право – ја споделува необично голема, „демократски“ распределена публика (од скоро, додуша) во сите партиски и политички дресови. После сè што дознавме дека тој го правел и во што бил вмешан, нема многу причини, а и луѓе, кои би се ставиле во негова јавна одбрана. Тој е доволно искомпромитиран, што неговото евентуално учество во група како „Јавна соба“ само ќе ја потврди гадливоста со која се спомнува неговото име, со сличен денешен интензитет каков што беше некогаш стравот со кој се шепотеше името на „началникот“.

Но, ако во ваков дискредитирачки контекст го објавите опскурниот Мијалков за член на „Јавна соба“ – тогаш е само прашање на час која следна јавна личност (политичар?) ќе ја залепите до Мијалков, со слично членство во „Јавна соба“, за неговата општествена позиција сосема да ја руинирате, без можност за дополнителни деманти или објаснувања.

Ова, се извинувам, многу ми заличува на памет за компромитација (што е различно од злоба) што не ја поседува „Лидер“, а која подзаличува на потентните пропагандистички центри кои смислија дека Велес може да биде центарот на лажни вести во светот… Така тоа почнува, од опскурни порталчиња-парталчиња. И тоа, онака, на два месеци пред изборите кај нас.

Добро, разбирам, ако не ви се допаѓа ова што го пишувам, баталете, како ништо да не се случило. Со „ликот и делото“ на Мијалков и онака е завршено, со или без потврда од МВР во истрагата за „Јавна соба“. Впрочем, памтите дека при апсењето на некои политички опоненти од времето на семоќниот Мијалков, неговите, нивните, истиве пропагандисти објавуваа дека на компјутерските дискови им пронашле „детска порнографија“ – за потоа ништо од тоа најдолно дискредитирање „истражно“ да не се потврди…

Но, запамтете каде прв пат сте го прочитале предупредувањево ако за некој ден „се појави“ уште некое „звучно име“ во „Јавната соба“ коешто ќе го открие „истражувачкото новинарство“ на „Лидер“. Тогаш, можеби, работите ќе станат појасни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот