Многу мртви, болниците полни, мерките „празни“

Ако не почне да се намалува бројот на заразени и хоспитализирани од ковид-19, тогаш ќе се зголеми времетраењето на полицискиот час и угостителските објекти ќе работат пократко. Има ли фајде од полициски час од 22 навечер до 5 часот наутро, односно какви ќе бидат ефектите од него, ќе анализира Комисијата за заштита на населението од заразни болести на седница деновиве, по што ќе се утврдува дали треба да се воведуваат дополнителни мерки и рестрикции.

Дотогаш здравствените власти апелираат граѓаните да ги почитуваат заштитните мерки што се на сила, како полицискиот час што ќе остане и во наредните две недели, носење маска и избегнување на групирање. Болниците се полнат забрзано што беше причина дополнителни болнички капацитети на клинички центар, кои не биле употребувани во ноември, да се стават во функција сега, за да се добие кревет повеќе.

Микробиологот професор доктор Никола Пановски за „Слободен печат“ вели дека со полицискиот час, кој е на сила од 22 до 5 наутро, не се влијае врз економијата негативно, но многу е важно дали младите останатото време го користат за да излегуваат на отворено или, пак, се собираат на затворено.

– Доколку се мешаат и влегуваат во молови и во кафулиња, тоа е катастрофално. Надвор вирусот не се шири. Освен полицискиот час, други мерки според мене што треба да се донесат е да се затворат сите молови и кафулиња за викенд и да се мотивираат сите да излегуваат на отворено и да не се собираат на затворено. Значи, не да се ограничува слободата на движење, туку да се ограничува каде населението ќе го поминува времето. Треба да се надвор, да шетаат. Мислам дека бројот на заразени ќе се намали тогаш кога ќе се појави страв поради голем број починати, 25 до 30 дневно. Се создава некој вид имунитет, секој ден има по 1.000 нови заразени, тоа се 30 илјади месечно. Има трипати повеќе што не се откриени. Меѓутоа, ова го плаќаме со голем број жртви. Најдобро би било да се затворат сите несуштествени дејности, ама тоа економски е неможно – вели професор Пановски.

Професорот на Медицинскиот факултет и поранешен министер за здравство, доктор Драган Даниловски, за „Слободен печат“ вели дека мерките што досега се во сила ќе дадат резултат, ама потребни се поригорозни за да има побрз ефект.

– Мерките ќе дадат ефект, во принцип. Само треба време. Колку една мерка е порестриктивна, толку побрзо ќе вроди со плод. И обратно. Каков плод? Да не се пречекори капацитетот на здравствениот систем. Настрана умирањата. А брзината на растот на случаите е таа што е. Оттаму, ако се види дека противникот е побрз од вас, треба да му поставите ,,сопка“. Затоа предложив јавно викенд-локдаун. Комисијата, сепак, проценила дека нема потреба. Прашање за милион долари е кој прв ќе стигне до целта – вели професор доктор Даниловски.

Непочитувањето на мерките во комбинација со британскиот сој на коронавирусот, кој е за 70 проценти позаразен, се причините за растењето на бројот на новозаразени од ковид-19. Комисијата за заразни болести деновиве ќе ја разгледа епидемиолошката слика  и доколку има потреба, ќе предложи нови рестрикции.

Во меѓувреме, здравствениот систем е на работ на издржливоста. Најмногу хоспитализирани – 578 има во Скопје. Од петокот отворен е ковид-центар и на Клиниката за пластична хирургија. На Клиниката за детски болести има 16 деца кои се позитивни на вирусот, а на гинеколошко-акушерската клиника 7 жени се позитивни на ковид-19. Во ГОБ „8 Септември“, поради зголемениот број на ковид-хоспитализации, намален е редовниот тек на хируршките интервенции.

Според последната статистика на Институтот за јавно здравје, од направени 2.730 тестирања позитивни биле 642 граѓани. Досегашниот биланс на ковид-пандемијата е 3.473 смртни случаи, 15.131 активен случај и 100.774 оздравени пациенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот