Многу галама и бојкоти, а договорот не ги задоволи сите матуранти

Државната матура мора да биде намалена и скратена, ама нејзиното целосно откажување ќе направи повеќе зло отколку добро, особено за оваа генерација матуранти, се велеше во соопштението на Сојузот на средношколци кон крајот на декември минатата година, кога всушност и прашањето за тоа како ќе се полага матура оваа година во пандемиски услови ја разбранува јавноста.

Двете основни барања на Сојузот на средношколци на почетокот се сведуваа на: полагање на два матурски испити – задолжителен прв мајчин јазик и втор предмет по избор на ученикот и скратени наставни програми и материјали за испитите за кои што Министерството за образование и наука (МОН) и Државниот испитен центар во март 2021 ќе објават и презентираат план.

Од друга страна, одговорот на МОН беше јасен. Иако се согласија за кратење на материјалот, матурантите добија категорично „не“ за државна матура со два предмети, поради што кон почетокот на второто полугодие следуваше бојкот на наставата, но од МОН на чело со министерката Мила Царовска и натаму цврсто стоеја на својот став.

Барање за политичка поддршка

Следуваше бојкот, прекини, па повторно бојкот на наставата. Но матурантите со тоа не постигнаа значаен ефект по што мораа да отидат чекор понатаму. Лидерот на Средношколскиот сојуз Бленди Ходаи испрати писмо до Собранието, барајќи законско решение за измени во државната матура за оваа година, но и се закани дека доколку не се полагаат два предмети, матурантите ќе кампуваат пред МОН и ќе протестираат во цела држава.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прва ги поддржа матурантите и ги покани сите политички партии да го поддржат предлог-законот за измени во државната матура, а Ходаи одржа средби со пратениците на сите политички партии од кои доби поддршка, освен од владејачката СДСМ.

Откако матурантите го прекинаа бојкотот за да не губат од настава, а и покрај поддршката од повеќето пратеници не добија конкретни промени, Сојузот упати писмо за средба со премиерот Зоран Заев. По средбата беше постигнат првичниот договор, а по само неколку денови, следуваше и конечна одлука за државната матура.

Состаноците со премиерот, но и со амбасадори, правници, како и претставници од МОН ги разубедија матурантите да прифатат модел за полагање на државна матура со два екстерни и два интерни испити, како и проектна задача.

Наместо на 29 мај, полагањето на државна матура е одложено за една недела, а ќе се полага по скратени програми за кои ќе одлучува работна група составена од претставници од Бирото за развој на образованието, од Сојузот и од наставници номинирани од него, а со работната група ќе претседава претставник од Кабинетот на премиерот. Целиот процес треба да заврши до средината на март.

Со постигнатиот договор се прифаќаат повеќе барања на Сојузот – наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и базата на прашања најдоцна три недели пред денот на испитот и тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања. Ќе се зголеми коефициентот кај несоодветниот екстерен испит од 0,5 на 0,9, односно од 5 на 9 поени. Првиот екстерен испит (мајчин јазик) треба да биде сметан за соодветен од сите високообразовни институции во земјава, а Државниот испитен центар да овозможи естетика и филозофија (кои досега беа во листата за третиот екстерен испит) да бидат вториот екстерен за матурантите во средните уметнички училишта.

Ќе се прифати и промена во начинот на добивање на поените за интерните испити, така што предвид ќе се земат оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивање на поените, односно подеднакво ќе учествуваат и оценката и просекот. Универзитетите, пак, треба да објават кои од листата на наставни предмети се соодветни за нивните студиски програми.

Раздор и незадоволство

И покрај тоа што ќе има еден модифициран модел за полагање на државна матура на крајот од оваа година, сепак не сите средношколци се среќни и задоволни.

Паралелно додека Сојузот преговараше со МОН и со премиерот, се формираа и две нови организации – Средношколски глас и Средношколски фронт, кои и натаму се незадоволни и велат оти Сојузот ги разочарал средношколците, бидејќи отстапиле од првото и основно барање – годинава да се полагаат два, наместо четири предмети.

Од Средношколски глас побараа средба со МОН, а се заканија дури и дека ако во рок од 8 дена не добијат одговор, тие ќе ја бојкотираат наставата.

– Нашите барања се како и претходно, матурата да биде намалена на 2 предмети, односно тоа што го бараа Сојузот на средношколци, а не го исполнија. Ако МОН за 8 дена не ни одговори на нашето барање за средба, најверојатно ќе следува бојкот – велат од Средношколски глас за „Слободен печат“.

И од Средношколски фронт за „Слободен печат“ велат оти матурантите се чувствуваат измамени од Сојузот.

Останува да се види дали овие две средношколски организации можат да го „срушат“ договорениот матурски модел на Сојузот и дополнително да ја искомолицираат сагата околу државната матура за оваа година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот