МНК ИКОМ: Музејска состојба на условна „пауза“

Одбележувањето на 18 мај – Меѓународниот ден на музеите годинава помина со честитка што Маја Чанкуловска-Михајловска, претседателка на Македонскиот национален комитет при Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ), ја упати до музејските професионалци. Годината почна со надежи за реализација на амбициозни локални и меѓународни проекти на МНК ИКОМ, но, согласно со неочекуваните и изменети услови на функционирањето на светот и животот во услови на пандемија во изминативе месеци, се сменија условите на функционирање на музеите и меѓународната музејска заедница и тие привремено се ставени во состојба на условна „пауза“.

– Честитката за овој, за нас најзначаен ден, оваа година ми е особено горчлива затоа што за првпат на неодредено време мораме да ги одложиме традиционалните советувања, средби, промоции, награди на музејските работници, кои изминативе години сѐ повеќе предизвикуваат интерес за присуство и стануваат енергетско средиште за размена на секојдневните искуства и поттик за надминување на тековните професионални музејски проблеми.

Сепак, и во вакви услови на изменето функционирање, доаѓа до израз основната мисија и значење на музеите како места во кои се собира, се чува, се заштитува и се презентира културното наследство и уметноста. Во состојба на изолација, страв и неизвесност, пак, се потенцира улогата на музеите како генератори на поврзаноста помеѓу луѓето и нивната колективна локална/ регионална/ меѓународна припадност преку културата и уметноста.

Така, активностите на музеите од „паузирани“ станаа дигитално проактивни, а работата на музејските професионалци стана поинаква. Различната работа насочена кон осмислување нови инвентивни начини за одржување на интересот на јавноста во период на затвореност за посети на изложбите и на колекциите, од своја страна, стана почва за отворање/осознавање различни перспективи на дигиталното функционирање на креативните платформи за интерактивна комуникација – истакна Чанкуловска-Михајловска.

Иако музеите постепено ги отвораат своите врати, сѐ уште со сигурност не се знае кога целосно ќе се нормализираат активностите во однос на физичката комуникација со публиката и колку видоизменето ќе биде отвореното и слободно функционирање.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 32, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-25 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот