ММФ со предупредување: Кризата со коронавирусот не е завршена

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска предупреди дека кризата со коронавирусот „сè уште не е завршена”, истакнувајќи ја потребата од мултилатерална соработка за да се обезбеди соодветно снабдување со вакцини откако ќе биде произведена.

Во текст објавен во списанието „Форин полиси”, директорката на ММФ Кристалина Георгиева и главниот економист на Фондот Гита Гопинат наведуваат дека сегашното економско закрепнување од кризата е резултат на брзото спроведување на мерките за поддршка од државите на централната банка од невидени размери, но и дека е неопходно да се вложат дополнителни напори.

„Опоравувањето останува многу кревко и нерамномерно во однос на региони и сектори. „Со цел да се обезбеди продолжување на закрепнувањето, од клучно значење е таквата поддршка да не биде предвремено прекината”, велат Георгиева и Гопинат во написот.

Болеста Ковид-19, предизвикана од новиот коронавирус, однесе 900.000 животи ширум светот, а ММФ проценува дека вкупните трошоци од кризата ќе достигнат 12 трилиони долари до крајот на 2021 година, поради што на земјите со ниски примања најверојатно ќе им треба постојана финансиска поддршка. ММФ обезбеди итно финансирање за 75 земји, вклучително и 47 држави со ниски примања и објави дека е подготвен да обезбеди поддршка за поширок опсег на земји со среден приход.

Покрај поддршката за работниците и деловните субјекти и инвестициите во спречување на глобалното затоплување и запирање на растот на нееднаквоста во светот, предводниците на ММФ велат дека владите мора да работат заедно на меѓународно ниво за да се стави крај на здравствената криза.

До 8 септември годинава, во процес на развој имало најмалку 128 вакцини, од кои 37 веќе се во фаза на тестирање врз луѓе, пишуваат Георгиева и Гопинат, кои предвидуваат 90 отсто шанси за успешен развој на ваков производ.

Тие додаваат дека е неопходна глобална соработка за да се обезбеди навремено производство, соодветно снабдување за сите земји, без оглед на нивните финансиски ресурси и правична дистрибуција на вакцините.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот