ММФ: Границите ѝ ги врзуваат рацете на Европа да го има американскиот економски раст
Меѓународниот монетарен фонд го гледа проблемот во поизразената фрагментација во Европа и трговските бариери меѓу 27-те членки, кои ги нема или се значително послабо изразени меѓу 50-те сојузни држави во САД
Трговските бариери помеѓу членките ја спречуваат Европската Унија да го бележи економскиот развој на Америка во изминатите триесетина години, покажува ново истражување на Меѓународниот монетарен фонд.
Во студијата се констатира дека при директна споредба куповната моќ на Европејците е 72 отсто од онаа на Американците. Анализите покажале дека таа разлика би била само 8 отсто ако Европа има еднаков развој на продуктивноста.
Алфред Камер од Европското одделение на ММФ објаснува дека продуктивноста во Европа расте побавно отколку во Америка, иако двата пазари се приближно еднакви по големина. Тој го гледа проблемот во поизразената фрагментација во Европа и трговските бариери меѓу 27-те членки, кои ги нема или се значително послабо изразени меѓу 50-те сојузни држави во САД.
– Поради фрагментацијата, компании настапуваат на национални пазари, наместо на поголемиот заеднички европски пазар. Тие воопшто не го истражуваат размерот за пристап на толку голем пазар, а размерот е важен – вели Камер.
Анализите покажале дека ако бариерите меѓу членките на ЕУ се спуштат на нивото од сојузните држави во САД, европската продуктивност би се зголемила за 7 отсто.
Како втор голем проблем во Европа е нотирано отсуството на обединет пазар за проток на капитал, поради што компаниите во ЕУ заостануваат во финансирањето, во споредба со оние во САД, и се принудени да се потпираат на заеми од банки. Тоа особено лошо се одразува на технолошките компании, чија главна вредност се интелектуалната сопственост и идеи. Таквите компании бараат финансии од фирми за капитал спремни на ризик, но и тие се недоволно развиени во Европа и се насочени кон националните пазари за да ја избегнат сложеноста на прекуграничните регулации.
Европската Унија во изминатите десет години работи на отстранување на разните препреки за проток на капитал. Иницијативата е зајакната во изминатата година, но функционери и дипломати не веруваат дека брзо може да се постигне напредок.
Како трет важен фактор што го забавува развојот на продуктивноста во Европа се посочени бариерите на пазарот на труд. На работниците од 27-те членки на ЕУ им е потешко да се раздвижуваат од земја до земја, во споредба со американските работници, кои мошне полесно може да најдат работа во друга сојузна држава. Проблем е и тоа што во Европа работниците потешко може да најдат дом во друга членка, без оглед дали го купуваат или го изнајмуваат.
– Трошоците во Европа се осум пати повисоки – забележува Камер.
Тој, сепак, смета дека ова се проблеми што може да се надминат со мерки и закони.
– Добрите вести се дека решенијата за многу од овие проблеми се во рацете на законодавците – заклучува Алфред Камер од Европското одделение на ММФ.