ММФ го забрзал распадот на Југославија, пишувал прочуениот економист Џефри Сакс уште во 1989 година

Фото: EPA/DENNIS M. SABANGAN

Познатиот американски економист и аналитичар, Џефри Сакс, уште пред распаѓањето на поранешна Југославија предупредувал на слабостите и проблемите со кои се соочува државата во транзицијата кон пазарниот економски модел, а ги издвоил и условите за заемите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) како дел од причините за забрзаниот економски колапс на земјата во 80-тите.

Сакс е добитник на повеќе престижни награди, а денес предава на престижниот Универзитет Колумбија, каде го предводи Центарот за одржлив развој. Во 1989-тата година тој имал 35 години и како млад економист, тогаш професор на Харвард, бил дел од американски тим советници вклучени во изработката на економската програма на тогашниот југословенски премиер Анте Марковиќ, со која земјата преминуваше од државно ориентирано стопанство кон пазарна економија.

Во текст објавен во „Вашингтон пост“ на 31 декември 1989 г., Сакс пишува дека Југославија е „еден од најтешките предизвици за политичка и економска трансформација во Источна Европа“, бидејќи земјата „ја пресекуваат длабоки линии на фрактура: две азбуки, три религии, четири јазици и шест ривалски републики“. Угледниот економист уште тогаш забележува дека се чини оти е загрозен опстанокот на нацијата бидејќи „расцепканите тенденции на републиките се влошуваат под тежината на економскиот колапс“.

Сакс во текстот го споредил планот на Анте Марковиќ во чија изработка учествувал со сличната иницијатива во Полска, каде исто така е изведен своевиден „скок“ во пазарно ориентирано општество. Тој ги анализира причините за економските тешкотии во кои се нашла Југославија и предупредува на опасноста тешкотиите во стопанството да се прелијат во политички проблеми.

Од денешен аспект, интересно е согледувањето на професорот Сакс околу причините за влошување на економската криза и инфлацијата во Југославија. Тој вели дека земјата на крајот на 70-тите била практично спасена од Меѓународниот монетарен фонд, но и дека барањата и инструкциите од финансиската институција околу монетарната политика подоцна придонеле кризата да ескалира.

„Со цел да се задржи економијата во движење, и покрај основните структурни слабости, југословенската влада позајми многу на светските финансиски пазари, со околу 19 милијарди долари долг кон Западот. Ова задолжување ја покриваше кризата уште неколку години, додека лесното задолжување не исчезна во раните 1980-ти. Од тоа време – што се совпаѓа со смртта на Тито – Југославија е во надолна линија. Економскиот раст запре; инфлацијата забрзана; и отстранувањето на силната рака на Тито ги ослободи републиките да ги обноват своите деструктивни пресметки“, пишува Сакс.

„Чудно, сепак, советот на Меѓународниот монетарен фонд беше тој што помогна Југославија да премине од висока инфлација во хиперинфлација. Во преговорите за заем во 1988 година, ММФ им порача на Југословените дека по секоја цена мора да ја заштитат нивната извозна конкурентност. Инструкциите на ММФ беа секој месец да се девалвира југословенскиот динар според стапката на очекуваната инфлација. Меѓутоа, проблемот со овој рецепт е тоа што девалвацијата на валутата не е само неутрализирање на инфлацијата, туку може да биде и основна причина за неа. Секоја девалвација доведе до пораст на увозните цени, а овие повисоки цени брзо беа пренесени на повисоки плати преку широко распространета шема на индексирање на платите. Дури и понудата на пари автоматски се зголеми, бидејќи повеќето сметки во југословенските банки се деноминирани во странска валута“, вели економистот во анализата од пред 33 години.

Сепак, тој во заклучокот признава дека единствена шанса за излез на Југославија од економската криза во тој момент е нова „итна финансиска поддршка“ од ММФ и Светската банка.

Сакс во текстот го најавува почетокот на реформите на Анте Марковиќ, кои започнаа со врзување на курсот на динарот со германската марка во сооднос 1:7. Реформите дадоа одличен резултат и тие се запаметени на просторите на бивша Југославија како последниот период на економска благосостојба. Проектот на Марковиќ никогаш не беше довршен – го запреа војните во Словенија и Хрватска и политичкиот распад на поранешната држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот