Младите заминуваат, некои по работа, некои по љубов – Државата не ги брои

Млад скопјанец пред шест години станал првенец на генерација на Факултот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Аплицирал за работа на многу места, но неуспешно, бидејќи вратите за млади, без искуство, но со огромен потенцијал, останале затворени. Потоа тој добил можност да ги продолжи своите магистерски студии во Франција, каде што почнал да работи на еден од најголемите светски проекти за контролирана нуклеарна фузија. Таму е веќе шест години, работи во реномиран научно-истражувачки центар, а желбата да се врати во Македонија му е сè помала.

Сите патишта водат надвор од земјава. Германија, САД, Финска, Франција, секој ја бара среќата на своја страна, и тазе дипломираните, но и оние малку повозрасните кои откако го искусиле животот тука решиле да заминат во странство. Светска банка, во посебниот извештај за нашата земја изработен лани, вели дека имаме најголема дијаспора, околу 500.000 граѓани, на околу два милиони колку што сме вкупно.

Маја Ф. (35) која има високо образование, нејзиниот сопруг и двете малолетни ќерки се иселиле во Германија бидејќи, како што вели таа, овде не гледаат светла иднина за себе, а пред сè за нивните деца. Таа и нејзиниот сопруг велат дека иако таму не го работат она за што се образувале, задоволни се од условите и помошта која им ја нуди државата. Не планираат да се вратат во Македонија. Веќе две години живеат во Германија. Прво заминал сопругот, а потоа ги повлекол жената и децата. Таа прво не работела додека да го усоврши германскиот јазик, но сега нашла работа.

Во Германија заминал и брачниот пар Филиповски. Сопругата работела во Фонд за здравство, а сопругот бил без сигурна и постојана работа. Пред три години прво тој заминал во Германија, каде што се вработил во „Мекдоналдс“, а потоа нашол работа во „Амазон“. Една години подоцна побарал спојување со семејството и му било дозволено да си ги повлече сопругата и двете малолетни деца. Сега се сите заедно, сопругата не работи, но, како што велат, живеат многу подобро отколку тука.

Во овие разговори со иселениците ќе се најде и по некој кој решил да остане во странство заради љубов. Триесет и тригодишниот Иван Велјановски од Скопје, кој во моментов живее и работи во соседна Бугарија, вели дека заминал од земјата поради студии и дека можеби би се вратил, но таму ја запознал својата сопруга.

– Во Скопје завршив средно музичко училиште, соло пеење, каде што имав можност да учам и да работам со најдобрите. Секогаш кога стануваше збор за продолжување на моето образование, советот кој го добивав од моите професори беше да заминам во странство на студии, бидејќи операта нема традиција во Македонија. Согласно финансиските можности на моите родители, одлучивме моето студирање да го продолжам во Бугарија, на приватен универзитет, каде што се усовршив како тенор. По студиите, кога дојде ред да одлучам дали ќе се вратам во Македонија или ќе останам во Бугарија, ја запознав сега веќе мојата сопруга и можам да кажам дека таа беше причината поради која останав тука. Работам со мојата професија, имам повремено настапи во Австрија, Италија и Германија, но главно се занимаваме со водење на семејниот бизнис на мојата сопруга – вели Велјаноски.

Тој порачува дека во странство е убаво, но како што вели, никаде не те пречекуваат со отворени раце.

– Дома си е дома и сметам дека младите имаат перспектива во Македонија, само треба да бидат трпеливи. Преку ноќ ништо не се прави. Верувам дека Македонија ќе стане Запад еден ден – вели Велјаноски.

Младите заминуваат, а никој не ги брои

Пописот на населението е една од причините поради кои сè уште нема сеопфатен податок колку млади луѓе се иселени од Македонија. Од Заводот за статистика велат дека нивната бројка на иселени ги содржи само оние кои официјално во Министерството за внатрешни работи пријавиле дека си заминуваат, но таа бројка е многу мала и нереална. Според статиситката во 2017 година од земјава се отселиле само 141 жител. Анкетата на Центарот за европски иницијативи (ЦЕИ) базирана на пополнување на прашалници на настани од страна на младите луѓе покажува дека 97 отсто од младите до 29 години се потенцијални мигранти од државата.

– Иселувањето на младите е повеќедимензионален проблем со кој нашето општество се соочува веќе подолго време. Во време кога францускиот претседател ги повикува младите од целиот свет да работат и да креираат во Франција и нуди буџетска помош, реалноста кај нас е дека го губиме својот стручен кадар кој доколку би останал во државата би обезбедувал квалитетни услуги во здравството, образованието, градежништвото и другите дејности. Младите образовани луѓе како идни претприемачи полесно се одлучуваат да почнат нов бизнис и да помогнат во иднина да се зголеми бројот на вработувања, а со тоа директно помагаат во развојот на економијата во Македонија. Кога младите немаат доверба во економската состојба и сметаат дека нивната лична финансиска состојба нема услови да се подобри, младите ќе бараат подобра иднина во земјите со развиени економии. Доколку не се изнајдат решенија кои ќе имаат долгорочни ефекти во услови на забрзано стареење на населението, нашето општество ќе ги трпи последиците од иселувањето на младите со запирање на растот и развојот на економијата – вели Христијан Конески, претседател на Центарот за европски иницијативи.

Главните фактори поради кои восокообразованите млади се иселуваат од државата се финансиските причини. Други фактори кои влијаат на иселувањето на младите се желбата за подобро образование, подобрите услови за живот, односот спрема работникот (каде се вреднува трудот, можноста да се напредува во работата), менталитетот на младите (надвор е подобро од дома) како и поради недостиг на работни места за високообразованите млади.

Конески вели дека сè уште е рано целосно да се оцени колку  мерките предвидени со владината програма ќе придонесат за задржување на младите и обезбедување на долгоочекуваните услови за развој, но она што може да се нотира се недоволните буџетски средства за образование и наука со акцент на науката и научното истражување.

– Земјава вложува околу 0.3% од својот БДП во наука и научноистражувачка работа, со што директно ги мотивира младите да ја напуштат државата во недостиг на можност за професионален напредок. За споредба, податоците од ОЕЦД за 2018 година говорат дека Словенија вложува 1,9% од БДП, а Германија 3% од БДП. Тенденцијата е да се биде во чекор со новите технологии и на ваков начин да се стимулираат креативните умови да останат дома – вели Станоевски.

Имаме најголема дијаспора

Населението во земјава старее и ќе продолжи да старее, предвидува Светска банка. Стапката на наталитетот се намали од 2,17 во 1991 година на само 1,5 во 2016 година, што е пониско од просекот за Европа и Централна Азија (1,94). Проценетиот раст на бројот на населението е скоро нула.

„Долгата и постојаната традиција на иселување претставува дополнителна компликација. Проценките засновани на податоците од пописи од земјите на иселување укажуваат дека повеќе од 500.000 луѓе, околу 25 проценти од сегашното домашно население, живее во странство, што претставува една од најголемите дијаспори во светот и е зад само таа од Босна и Херцеговина и Албанија во Западен Балкан. Иселениците најчесто се иселуваат во поразвиени земји, особено во Западна Европа. Со оглед на долгата историја на иселување, развиени се мрежи кои го олеснуваат селењето во странство, а трендот е во пораст во изминатите неколку години“, се вели во извештајот на Светка банка.

Владата ветува дека ќе биде подобро кога ќе влеземе во ЕУ

На прашањето што се презема за да се задржат младите во земјава, од Владата одговараат дека за оперативниот план за вработување во 2019 година обезбедени се 1,1 милијарда денари, односно највисок износ досега и со овој план посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години преку доквалификација, вработување на најранливите категории, но и поддршка на стартапите и иновативните бизнис-идеи за сопствен бизнис.

Со новите мерки во Оперативниот план обезбедени се над 43 милиони денари за развој на дигитални вештини и нови работни места во оваа сфера. Со оваа мерка се опфатени 1.323 невработени млади лица до 34 години. Преку различни обуки и преквалификации, овие млади ќе имаат можност да се вработат. Исто така, државата им нуди можности на младите да аплицираат за учество во програмата самовработување, субвенционирање на плати, обука на работно место кај познат работодавач, обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, обука за побарувани занаети, програмата практиканство и програмата за работно ангажирање – јавни работи. Дополнително преку поддршката што се дава преку Фондот за иновации им оставаме простор на младите да се натпреваруваат со знаења, идеи, решенија и можност да влијаат и да ги менуваат општествените текови.

„Со политичка стабилизација на државата и интегрирање во Европската Унија и НАТО, сите важни алатки и механизми во општеството им нудат и им овозможуваат на младите да останат во државата, овде да се развиваат и да го реализираат својот потенцијал“, се вели во одговорот од Владата.

Печат.мк направи анкета во која ги прашавме младите дали им е тешко да најдат работа и дали некогаш размислувале да ја напуштат државата.

Погледнете ги нивните реакции и одговори:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот