Младите со свои предлози ќе ги „раззеленуваат“ општините

Фото: Општина Аеродром

Меѓу барањата што беа пуштени на првиот повик е новата практика во Аеродром, каде што инвеститорите имаат обврска да обезбедат вело-паркинзи, на различни начини да се заштитат зелените површини, пешачките и велосипедските патеки, како и нови иновативни решенија за новите паркови низ Аеродром.

Позелени и почисти општини, со повеќе засадени дрвја, нови зелени површини и паркови – ова се само дел од идеите што ги даваат младите жители на скопските општини Аеродром и Кисела Вода, кои во соработка со организацијата „Гоу грин“ им даваат отворена можност на оваа категорија граѓани да понудат свои идеи и решенија за подобра и поеколошка средина во која живеат.

– Младите луѓе што живеат во Аеродром повторно имаат можност да ги искажат и да ги поднесат своите барања, решенија, предлози и идеи за позелена општина. Станува збор за втора иницијатива во организација на „Гоу грин“ со партнерство и поддршка од Општина Аеродром – стои во објавата од општинската власт.

Од локалната самоуправа објаснуваат дека првиот сет барања што ги дале младите жители на општината, како што велат оттаму, поминале со висока стапка на успешност.

– Некои од барањата кои се под директна надлежност на Општината се веќе решени, а за останатите сме во процес на нивна реализација. Токму од овие предлози произлегоа и некои креативни решенија. Меѓу барањата што беа пуштени на првиот повик е новата практика во Аеродром, каде што инвеститорите имаат обврска да обезбедат вело-паркинзи, на различни начини да се заштитат зелените површини, пешачките и велосипедските патеки, како и нови иновативни решенија за новите паркови низ Аеродром – објаснуваат од Општина Аеродром.

Од Општината сметаат дека со ваквите идеи и решенија, локалната самоуправа заедно со граѓаните ќе можат да придонесат за поубава, позелена и здрава животна средина, а како што велат оттаму, оваа иницијатива гарантира дека предлозите на младите ќе бидат слушнати, а идеите реализирани.

Со објава на социјалните мрежи и Општина Кисела Вода ги повикува младите да дадат свои предлози со кои ќе се зголемат зелените површини на одредена територија, но и ќе дадат свои идеи и предлог-решенија за позелена, почиста и поурбана средина во која ќе живеат.

– Во тек е отворениот повик за собирање младински предлози за зелена Кисела Вода, кој се спроведува преку соработката на Општина Кисела Вода и здружението „Биди зелен“. Ги охрабруваме младите лица со своите решенија и идеи да учествуваат во креирањето на промените што треба да ја направат Кисела Вода подобро и поеколошко место за живеење – стои во објавата на Општина Кисела Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот