Младите сѐ помалку веруваат во демократијата

Младите генерации учат како се брани демократија во Израел - Фотографија Profimedia

Резултатите од истражување спроведено кај 36.344 луѓе во 30 земји со повеќе од 5,5 милијарди жители покажува дека 86 отсто од испитаниците се изјасниле дека би сакале да живеат во демократска земја, а само 20 отсто се убедени дека автократските режими се поефикасни за да го испорачаат „она што го сака народот“

Демократијата сѐ уште е најпосакувано државно уредување низ светот, но автократските режими и диктатурите се сѐ попопуларни, особено меѓу најмладата категорија гласачи.
Резултатите од меѓународно истражување спроведено кај 36.344 луѓе во 30 земји со повеќе од 5,5 милијарди жители покажува дека 86 отсто од испитаниците се изјасниле дека би сакале да живеат во демократска земја, а само 20 отсто се убедени дека автократските режими се поефикасни за да го испорачаат „она што го сака народот“.

Во истражувањето на Фондациите на отворено општество впечатливо отскокнуваат изјаснувањата на младите испитаници, на возраст меѓу 18 и 35 години. Само 57 отсто од анкетираните од оваа категорија сметаат дека демократијата е најдобар систем. Дури 42 отсто би поддржале воени хунти, а 35 отсто како алтернатива претпочитаат „лидер чија моќ не зависи од парламентот или од избори“.

– Резултатите се вознемирувачки, но во исто време и отрезнувачки. Луѓето низ светот имаат верба во демократијата, но генерација по генерација таа верба се гаси, поради сѐ поизразените сомневања дека таквиот систем има капацитет да ги испорача конкретните промени што им се потребни – забележува Марк Малох Браун, претседател на Отворено општество и поранешен заменик на генералниот секретар на Обединетите нации.

Човековите права универзален идеал

Многу поголема, меѓу 85 и 95 отсто, е поддршката за почитувањето на човековите права, и тоа во сите возрасни категории, во сите региони, без оглед на просечните примања. Во време „епидемија“ на кризи, најголеми се стравувањата од сиромаштија и нееднакво распределување на богатството (20 отсто), климатските промени (20 отсто) и корупцијата (18 отсто). Повеќе од половината испитаници, дури 53 отсто, сметаат дека нивната земја чекори во погрешна насока, а една третина се цврсто убедени дека политичарите не ги застапуваат интересите на граѓаните од кои се избрани.

– Кога 49 отсто од испитаниците, и тоа подеднакво во земји како Бангладеш и САД, се изјаснуваат дека барем еднаш во изминатата година се мачеле за да се прехранат, тоа значи дека демократијата потфрла со потенцијалот – се наведува во извештајот.

Во просек 58 отсто од испитаниците во 30 земји изразиле загриженост дека политичките немири во нивните земји може да прераснат во насилства. Ова стравување е најизразено во Јужна Африка и во Кенија (79 отсто), во Колумбија (77 отсто), во Нигерија (75 отсто), но и во САД и Франција (66 отсто).

Голем проблем за луѓето претставува и неизвесноста, која ја издвоиле 42 отсто од испитаниците. Оваа закана е највознемирувачка за луѓето во Латинска Америка. Дури 74 отсто од жителите на Бразил, 73 отсто во Аргентина, 65 отсто во Колумбија и 60 отсто во Мексико се изјасниле дека не се чувствуваат заштитени од законите во своите земји.

Просечно 70 отсто од испитаниците низ светот изразиле загриженост дека во идната година може да бидат жртви на последици од климатските промени. Најзагрижени се жителите на најсиромашните земји, кои се и најпогодени од екстремни временски услови – 90 отсто во Бангладеш, 85 отсто во Турција, 83 отсто во Кенија и 82 отсто во Индија. Климатските промени најмалку ги загрижуваат луѓето во Кина (45 отсто) во Русија (48 отсто) и во Обединетото Кралство (54 отсто).

Корупцијата е голем проблем за сиромашните

Климатските промени како најголема закана за светот воопшто ги сметаат 32 отсто од испитаниците во Индија и во Италија, 28 отсто во Германија, 27 отсто во Египет и Мексико и по 25 отсто во Франција и Бангладеш.

Корупцијата се посочува како најголема закана на национално ниво. Таа е најголемиот национален проблем за 23 отсто од испитаниците на глобално ниво, но е најизразен во Гана (45 отсто) и во Нигерија (44 отсто), а најситен, Германија (6 отсто) и во Франција (7 отсто).

Што се однесува до проблемите што директно ги погодуваат испитаниците, највознемирувачки се сиромаштијата и нееднаквата распределба на богатството. Слични се одговорите во сите земји во кои било спроведено испитувањето, од најсиромашната Сенегал, до најбогатата САД.

Миграцијата не се смета за проблем што предизвикува загриженост. Само 7 отсто ја истакнуваат како најголем проблем, но дури 66 отсто од испитаниците се изјасниле за побезбедни и легални миграции на луѓето.

Речиси двојно повеќе луѓе во светот (45 наспроти 25 отсто) го сметаат за позитивно зголеменото влијание на Кина врз нивните земји. Овој тренд е многу поизразен во земјите со пониски приходи, како Пакистан (76 отсто), Етиопија (72 отсто) отсто или Египет (71 отсто), додека е незначителен во богатите земји како Јапонија (3 отсто), Германија (14 отсто), Обединетото Кралство (16 отсто) или САД (25 отсто).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот