Младите работници во Јапонија ангажираат компании да поднесат отказ наместо нив!
Во Јапонија започна нов тренд, а се работи за компании кои можат да бидат ангажирани да дадат отказ наместо вас. Причината е прилично едноставна – младите работници не сакаат да имаат конфронтации со претпоставените. Како што изјави една млада работничка за Си-ен-ен, таа се плашела дека нејзиниот шеф нема да ѝ дозволи да ја напушти компанијата, пишува Кликс.ба.
Тоа го поткрепува и исклучително строгата работна култура во Јапонија, кадешто шефовите често ги кинат отказните писма пред работниците и ги „тераат“ да останат на работа. Сепак, има компании кои за околу 150 долари ќе го водат целиот процес за работниците, вклучително и упатување за правна помош доколку претпоставените сè уште одбиваат да го потпишат отказот. Како што пишува Си-ен-ен, работната култура во Јапонија стана неподнослива за младите работници, кои сакаат поголема слобода и автономија.
За разлика од претходните генерации, тие не сакаат да прифатат сè што им кажуваат претпоставените и сакаат да имаат повеќе слободно време. Една од компаниите што ги нуди овие услуги вели дека во текот на претходната година имале околу 11.000 барања за помош. Велат и дека луѓето често ги викаат во солзи, сметајќи ги како последна опција. 54 луѓе починаа од прекумерна работа во 2022 година, што е сепак подобрување од 160-те смртни случаи во 2002 година.