Младите по пандемијата: „Се давиме во несигурност!“

Image: 556029684, License: Royalty-free, Restrictions: , Model Release: yes, Credit line: Paul Bradbury / Caia Image / Profimedia

Младите велат дека чувствуваат дека општествениот договор во кој до скоро опстојуваше светот, за нив повеќе не важи

Акин Огунделе направи сè како што треба. Роден и одгледан лондонец и син на имигранти, работеше напорно, дипломираше на универзитет, најде добра работа во финансискиот сектор, се ожени и доби деца. Но, на 34-годишна возраст се чувствува заглавен.

Заедно со сопругата и двете деца живеат во изнајмен стан, бидејќи дури и со своите две плати не можат да си дозволат да купат свој дом во нивниот роден град. По неколку децении забрзување на трошоците за домување, просечниот депозит за купување прв дом во Лондон се искачи над 100.000 фунти. Огунделе видел како колегите купуваат куќи со помош на нивните родители, но тој нема „мама-и-тато“ банка, а неговите заштеди не можат да го следат зголемувањето на цените. Загрижен е заради неизвесноста на изнајмувањето сместување и ризикот по здравјето од живеење во близина на оптоварена сообраќајница. Но, најмногу се грижи за тоа што ќе им остави на своите деца за тие да не завршат во иста ситуација.

„Ако продолжам по овој пат, не сум сигурен што ќе можам да им оставам на децата“, вели тој. „Не може да биде добро за земјата – разликите само ќе растат, богатите ќе станат побогати, а оние што не се, уште повеќе ќе назадуваат.“

Кон бездна или во неа

Неговото чувство дека досегашниот општествени договор, кога е неговата генерација во прашање, е нарушен, го делат многу млади луѓе, не само во Лондон. Нашето глобално истражување меѓу помладите од 35 години за нивните животни очекувања како последица на пандемијата, вклучи 1.700 млади луѓе од различни земји, како Јужна Африка, Камбоџа, Норвешка, Австралија, Данска, САД, Португалија, Либан, Бразил, Малезија, Индија и Кина. Многумина од испитаниците велат дека чувствуваат како да нема ништо цврсто под нивните нозе.

„Повеќето луѓе на моја возраст трошат голема енергија само за да се одржат на површината“, вели Том, архитект. „Исцрпувачки е – никој не бара лесен живот, но сите мои пријатели работеа толку напорно цел живот, а многумина ја губат вербата во системот.“

Килијан Манган, кој дипломираше за време на пандемијата минатата година и се бореше да најде работа, се чувствува „како да се давиме во несигурност без никаква помош“. Таа има дваесет и нешто години, работи во банка и вели: „Понекогаш имам чувство дека одам кон бездна или дека веќе паѓам во неа.“

Ова чувство на несигурност го менува начинот на кој младите генерации го гледаат светот. Нашата анкета можеби не е репрезентативна, но навестува промена во тоа како младите ја перцепираат улогата на среќата наспроти заслугата, начинот на кој тие поминуваат низ светот на работата и што мислат за иднината.

Триесет и неколку годишник, кој работи во приватниот сектор во Велика Британија ја зема како метафора заложната должничка обврска за да ја опише позицијата на својата генерација. „Просторот што чувствувам дека го држам во општествено-политичкиот поредок е сличен како првата неисплатена транша од долгот“, вели тој. „Секогаш кога ќе се случи нешто лошо, затоа што немаме политичко и економско влијание, не се сомневам дека последиците ќе се струполат врз нас.“

Социјална немобилност

Повеќето млади луѓе брзо ги воочуваат начините на кои нивниот живот е подобар од претходните генерации. Зборуваат за нивните образовни можности, за поевтиното патување, за отвореноста за избор на сексуалноста и менталното здравје, разновидната работа и начинот на кој технологијата ги поврзала со светот.

Но, домувањето и образованието поскапеа, работните места се под притисок на конкурентноста и зголемената несигурност, пензиите се понеадекватни, а животната средина е загрозена („Мојот пензиски план е да умрам за време на климатските војни“, вели еден испитаник). Голем број од нив го делат чувството на Огунделе дека богатството на нивните родители, а не сопствените напори, станува сè поважна одредница за нивната иднина.

Статистичките податоци сугерираат дека се во право. Во Велика Британија, на пример, истражувањата на Институтот за фискални студии (IFS) покажуваат дека постарите генерации акумулираат повеќе богатство и дека просечното наследство што ќе го остават оние родени во 1980-тите ќе биде речиси двојно помало од оние родени во 1960-тите.

Ова ќе ја наруши социјалната мобилност. Според проценките на Институтот за фискални студии, за оние родени во осумдесеттите години на минатиот век, од родители чие богатство спаѓа во најниските 20% меѓу своите врсници, родителското наследство ќе им ги зголеми нивните животни приходи за 5 проценти; додека оние чии родители спаѓаат во највисоките 20% според богатството, ќе уживаат 29 проценти зголемен сопствен животен поттик. За оние родени во 60-тите години на 20 век, пак, тој диспаритет е далеку помал (2 и 17 проценти, соодветно).

„Во моментов, додека богатството сè уште го чуваат постарите генерации, тоа се појавува во податоците како разлика помеѓу генерациите. Но, богатството не исчезнува, трендот ќе оди надолу и ќе се трансформира во прашање за нееднаквоста меѓу помладите генерации“, вели Дејвид Стурок, постар економист на ИФС. „Во основа, тоа кажува дека колку ќе заработите во животот ќе зависи од тоа кои се вашите родители и богатството што тие го имаат.“ Многу развиени земји, додава тој споделуваат „многу слична динамика“.

Повеќе среќа од труд

Ова раслојување акутно го чувствуваат испитаниците во нашето истражување, не само меѓу оние кои се на погрешната страна од статистиката, туку и меѓу оние на добитната страна. „За моја среќа, имам образовани родители кои купиле куќа во Лондон, не беше скапо кога ја купија и таа е нивно единствено богатство. Но, многу е тажно и колосално неправедно да се знае дека колку јас и да се трудам, богатството на моите родители најверојатно ќе биде најголемиот показател за мојата идна благосостојба“, пишува Бен Алден-Фалконер од Јужна Англија. „На кој начин е тоа политички прифатливо?“, се прашува тој.

Многумина од оние кои добро се снаоѓаат, својот успех, барем делумно, го припишуваат на среќата. „Сега сум директор на две успешни компании, една нова компанија и една за истражување минерали со средна големина. Дури и со овие респектабилни позиции, јас не би го постигнал ова без моите богати и наклонети баби и дедовци“, вели Лиам Харди во Виена. „Би било невозможно да обезбедам почетен капитал или да одвојам време за целосно да ги развијам овие бизниси само врз свој грб.“

Џош од Брајтон во Англија неодамна се откажа од работата за да се преквалификува во компјутерско програмирање. „Имав среќа што можев да го направам овој чекор и да го издадам својот стан и повторно да бидам поддржан од моите родители“, вели тој. „Без оваа можност, многу луѓе ќе бидат заробени во своите депресивни професии, со растечки трошоци за живот и ограничени можности за преквалификација“.

Можеби поради ова зголемено чувство за важноста на среќата, многумина велат дека ги поддржуваат политиките за борба против нееднаквоста со помош за оние кои се на дното. „Чувствувам голема желба да бидам свесен и да им помогнам на оние што западнаа во проблеми кога започна пандемијата“, вели Метју Арнолд од Тексас во САД.

Несигурни вработувања

Во март минатата година, Стјуарт започна, со агенциски времен договор, да работи во компанија за телекомуникации во Велика Британија. Се надеваше дека тоа ќе биде отскочна даска за постојано вработување во компанијата по истекот на 12-месечниот договор. Но, минатиот месец, тој и неговите колеги вработени со времен договор добија порака со покана за онлајн-состанок. „Знаевме дека вестите се лоши.“ Околу 40 души беа отпуштени. Овој 32-годишник, кој живее со своите родители, вели дека само сака шанса да напредува. „Ако работите само со агенциски времени договори, се чувствувате како да сте исклучени од можноста за прогрес и станува сè потешко да си ја видите иднината.“

Несигурните вработувања се честа тема кај испитаниците во анкетата на „Фајненшел тајмс“, особено меѓу оние како Стјуарт, со привремени работни договори. Овој вид ангажмани се многу распространети за младите луѓе во еврозоната: пред избувнувањето на пандемијата, речиси половина од вработените на 15-24 години возраст имаа временски ограничени договори за работа. Губењето на работните места најтешко ја погоди оваа старосна група.

Многумина, пак, кои ги сочуваа работните позиции, со пандемијата се чувствуваат дека се на работ, а голем број ѝ ја припишуваат својата мака на неизвесноста во сферата на вработувањето уште од финансиската криза во 2008 година.

„Во 2009 година цел месец јадев само шпагети, бидејќи компанијата во која работев сметаше дека е најдобро мене да ме отпушти за да може да откупи помали конкуренти“, вели Џим од Калифорнија во САД. „На крајот, ме вработија назад за скоро половина од платата… Вистински начин за развивање таленти, нели!?“

Платите бавни, трошоците брзи

Другите испитаници говорат за огромното ниво на конкуренција за сигурноста на своите работни места. „После триесетина одбивања на разни конкурси, конечно ме селектираа од список со 2.500 апликанти да одам на психометриски тест, по што следуваше видеоинтервју, проследено до центар за проценка, па еднонеделна виртуелна работна шема којашто кулминираше со интервју – пред да ми биде понуден двегодишен договор за обука“, вели Хадриен, кој неодамна дипломирал во Велика Британија. „Се натпреваруваме со машини и ботови и постојано растечки број на вешти луѓе“, вели друг.

Ова чувство на нелагодност, комбинирано со една деценија бавен раст на платите, студентските долгови и зголемувањето на цените на домувањето, прави голем број млади професионалци да се чувствуваат дека не можат да си дозволат да бидат трпеливи на работа.

„Јас сум на позиција која во другите генерации би се сметало за добро платена работа. Но, едвај можам да си дозволам стан со две спални, на голема оддалеченост од работата, за воопшто да основам семејство“, вели еден британски директор за комуникации во своите рани 30-ти години. „Значи, кога се залагам за покачување на платата или за промена на работното место, мислам дека сум во право. Идеално, би сакал да останам во една компанија, но ако сакам семејство и ако сакам удобен живот, тоа реално не можам да го очекувам.“

Другите се противат на долгото работно време во сектори како што се право и сметководство, каде што трошоците за нечиј здравствен и личен живот веќе не соодветствуваат на (неизвесната) награда што доаѓа како плата.

Еден дваесет и неколку годишен испитаник кој живее во Шангај вели дека експлозивниот економски раст на Кина му дал многу повеќе можности отколку што имале неговите родители, но дека цените на домовите се зголемуваат, а условите за работа се влошуваат. „Можеби сте слушнале за ‘996’ – работа од 9 наутро до 9 навечер, шест дена во неделата“, пишува тој.

Сепак, има и многу позитивни приказни за опсегот и разновидноста на работата што е достапна денес. Голем број испитаници од анкетата велат дека нашле работни места во кои уживаат, а со кои не планирале да се занимаваат, па дури не ни знаеле дека постојат кога биле во училиште. „Завршив во биотехнолошка компанија во земјоделската индустрија“, вели 22-годишната Лука Маријани. „Исклучително сум среќна… Се пријавив на курс за вештачка интелигенција за да научам да кодирам, па сега во Камбрија [Северна Англија] работам на вештачко оплодување крави!“

„Мала надеж“

Гледајќи подалеку од нивните лични околности, многу од младите испитаници и од земјите во развој и од развиените земји велат дека се грижат за светската политичка и еколошка траекторија.

Кога Калида Абдулрахим студирала бизнис пред 10 години, негувала голем ентузијазам за „растечката Африка – светот во развој е во подем“. Но, сега 27-годишната Нигеријка, која има работа што ја сака во „Гугл“ во Лондон, не чувствува оптимизам за нејзината матична земја.

„Моите родители растеа во економија полна со ветувања и оптимизам – тие го искористија тоа. За мене и за многумина од мојата генерација, нигериската економија се чини песимистичка и нуди малку надеж“, вели таа. „Сега сме свртени кон надвор, учествуваме во глобалната економија на начин што нашите родители никогаш не можеа да го замислат, а нашиот благодет зависи од поголемата поврзаност на денешниот свет.“

Други раскажуваат за корупцијата во нивните матични земји, за нестабилноста и загрозената демократија. „Постарата генерација не ја разбира нашата плашливост, несигурност и фрустрација“, вели 26-годишник од Турција. Еден психолог во Перу вели дека е „многу вознемирена и исцрпена“.

За разлика од неа, Мадс Волд знае дека живее добро во Норвешка. Понекогаш е свесен дека можеби „живее во меур“. Но, загрижен е за глобалната нестабилност што ќе ја предизвикаат климатските промени. „Еден милион бегалци речиси го нарушија европското единство; 225 милиони климатски бегалци сигурно ќе го уништат!“

Волд е еден од низата млади луѓе кои велат дека не се сигурни дали ќе се решат да имаат деца. „Многу луѓе на моја возраст водат етичка дебата, дали е етички правилно да се има дете, иако не сте сигурни дали светот ќе продолжи? Тоа е, всушност, предизвикот што го решаваме јас и мојата свршеница“, пишува Волд.

Абхи Кумар, берзански трговец, вели дека постарите генерации „не ги сфаќаат целосно размерите на климатските промени и грижите што ги има мојата генерација во врска со нив“. „На пример, јас сум од глобалниот југ [Индија] и агонизирам заради тоа што трајно емигрирам на место каде што ефектите од климатските промени нема да бидат толку сериозни кога ќе имам 50-60 години. Не сум сигурен дека постарите генерации ја сфаќаат таа вознемиреност. За нив, ова е само уште еден предизвик што човештвото ќе го надмине со неколку модринки, како војни, рецесии и, сега, пандемија. Иако сметам дека оптимизмот е привлечен на одреден начин, тој не е втемелен во реалноста, бидејќи климатските промени ќе бидат проблем како ништо друго со што сме соочени како човештво.“

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (01-02 мај 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот