Младите ниту се вакцинираат ниту почитуваат мерки

Вакцинирање на деца
Фото: EPA-EFE/MASSIMO PERCOSSI

Три малолетни девојки последниве два месеца починаа од последици на ковид-19. Завчера 16-годишно девојче од тетовското село Сиричино почина на Инфективната клиника во Скопје. Не е познато дали пациентката имала хронични заболувања, вели директорката на Клиниката, д-р Милена Стевановиќ.

Најновиот делта сој, кој е сеприсутен во земјава, остава потешки последици и кај помлада популација, за разлика од алфа варијантата на коронавирусот, велат стручњаците. Претходно, најмлада жртва на коронавирусот беше 15-годишна девојка од тетовско Селце, која имаше коморбидитети, а минатата недела почина 17-годишно девојче од Демир Хисар, хоспитализирано во тешка состојба со ниска сатурација и висока температура, кое се лекувало дома. Оваа девојка не примила вакцина, а имала шеќерна болест. Начинот на нејзиното лекување е предмет на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Кон крајот на август, пак, во тетовскиот ковид-центар почина 21-годишно момче без коморбидитети. Според лекарите, младиот пациент бил примен во тешка општа состојба, не реагирал на антивирусната терапија, а семејството го одбило предлогот да биде пренесено од Тетово во Скопје.

Најголем раст на новозаболени во категоријата од 20 до 29 години

За тоа што е причинител за смртни случаи меѓу младите пациенти, д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија, вели дека клучни се наследните фактори, односно генетиката, како и самиот имунолошки систем на пациентот, кој различно реагира на терапијата. Одбивањето да се вакцинираат и занемарувањето на мерките за заштита се, исто така, значаен ризик-фактор.

– Младите во моментов се во старосната група што е најмалку вакцинирана. До неодамна, помладите од 18 години воопшто не се ни вакцинираа. Меѓу нив, за жал, има и такви со некомпетентен имунолошки систем, кој кога ќе дојде во контакт со агресивен вирус, не е доволно спремен да се одбрани и заразувањето може да се заврши со тешка клиничка слика или со смрт – смета доктор Докиќ.

Намалувањето на старосната граница кај заразени од коронавирусот кои развиваат тешка клиничка слика на болеста е аларм за вакцинација на сите граѓани, вклучително и на младите, велат од Министерството за здравство.

„Недоволно високиот степен на имунизација, особено кај младата популација, е причина за големиот број хоспитализации во светски рамки. Потпирајќи се на природниот имунитет и добрата здравствена состојба, младите ја пролонгираат или одбиваат вакцинацијата, со што се изложуваат на висок ризик од инфекција“, велат од Министерството.

Последните податоци на Институтот за јавно здравје покажуваат дека најголем раст на новозаболени од ковид-19 има кај младите на возраст од 20 до 29 години. Станува збор за зголемување од 11 проценти ако се спореди со претходната недела. Населението на возраст од 18 до 39 години е најслабо имунизирано.

Трајковски: Дневниот број случаи со нагорна линија

Многу експерти укажуваат дека е крајно време да се заострат превентивните мерки за да се спречи ширењето на заразата.

„Само 10 дена беа доволни за да го видиме ефектот на укинувањето на сите мерки за баровите, ноќните и диско-клубовите. Дневниот број случаи фати чекор со нагорната линија на трендот, а седумдневната подвижна средина повторно заврти нагоре. Но, не се само вкупните дневни броеви важни. Уште поважно е што, според МЗ, најголем неделен прираст на бројот на случаи има кај возрасната група од 20 до 29 години, што е најјасниот индикатор каде се случува главното заразување во моментот“, напиша професорот од Битолскиот универзитет Дејан Трајковски, кој редовно го следи статистичките движења на важните индикатори на пандемијата.

И покрај предупредувањата на медицинските лица дека за време на зимскиот период ќе се влошува пандемијата, Владата ги олабави рестриктивните мерки. Ноќните клубови и диско-клубовите почнаа да работат со 50-процентна исполнетост, а со сертификат за целосна вакцинација секој може да влезе во затворени објекти, кафулиња и трговски центри.

Откако со денови состојбата со новодијагностицираните случаи беше стабилна, повторно има зголемување на бројот заболени. Од 3.391 тест, вкупно 593 случаи се позитивни. Во болниците се хоспитализирани речиси 500 пациенти, од кои половината се на кислородна поддршка, а осум се на респиратор.

Завчера, активни беа 6.711 случаи, но загрижува намалениот интерес за прва доза од вакцината. До 31 октомври вакцинирани се 778.599 лица со две дози вакцина, или само 38 проценти од популацијата во земјата, што е двојно помалку далеку од посакуваните бројки за да се постигне колективен имунитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот