Младиот виолинист Александар Иванов ќе настапи како солист со оркестарот на Филхармонија

Виолинистот Александар Иванов и диригентот Борјан Цанев

Оркестарот на Македонската филхармонија на 26 јануари, со почеток во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Лезет“ на кој како солист ќе настапи младиот македонски виолинист Александар Иванов.

На програмата се делото „Психофонија“ од македонскиот композитор Ристо Аврамовски, со чија изведба ќе се одбележат 80 години од раѓањето на авторот, Концертот за виолина и оркестар во Дe-дур оп. 35 од Ерих Волфганг Корнголд и „Гогољ суита“ од Алфред Шнитке. Диригент е маестро Борјан Цанев.

Добитникот на македонското признание „Виртуози – Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство.

Најмладиот добитник на наградата „Виртуози“, Александар Иванов ги спојува експресивната музикалност и техничката експертиза со разновиден репертоар, водени од уметничката љубопитност. Неговата вистинска страст лежи во експресивните можности на доцните романтични композитори. Тој е ученик на познатата школа „Џулијард“, под менторство на Лори Смуклер. Свири на виолина направена од Гаетано Антоањаци, која му е позајмена од школата „Џулијард“, известија од Македонска филхармонија.

Творечкиот опус на македонскиот композитор Ристо Аврамовски (1943-2007) е исклучително богат и опфаќа над 150 дела од речиси сите жанрови на класичната музика – од најмалите форми до најкрупните – симфонии, ораториуми, кантати, опери. Од експериментална радиофонија до применета музика пишувана за театар, телевизија и филм.

Најголем дел од неговото музичко творештво е инспирирано од македонското поднебје, од нашиот духовен простор. Токму такви се неговите дела „Психофонија 1“ и „Психофонија 2“, напишани во 1972 и 1974 година. Во овие композиции тој својата инспирација ја црпи од богатата ризница на македонското духовно поднебје и од македонскиот фолклор, но ги реактивира и третира на сосема поинаков начин и тие добиваат нов лик и експресија.

Советско-германски композитор кој создава сериозна, мрачна музика што се карактеризира со нагли спротивставувања на радикално различни, честопати контрадикторни стилови. Тоа е големиот Алфред Шнитке, основач на т.н. музички полистилизам. Шнитке бил вистински мајстор на драмата. Неговата музика има звучна тензија, драма, конфликт… Токму затоа воопшто не чуди фактот што токму тој бил избран да напише музика за театарска изведба на дела од рускиот писател Николај Гогољ, а крајниот производ од оваа инспирација е фантастичната „Гогољ суита“, ремек-дело на модернизмот.

Ерих Волфганг Корнголд (1897-1957) е австриско-американски композитор и диригент. Израснал како музички талент во Виена, инспирирајќи се од музиката на композитори како Густав Малер и Рихард Штраус. Во 1930 година започнува да пишува музика за филмови во Холивуд, а во 1938 година се сели во САД. За време на војната главно пишува музика за филм, а неговиот татко, познатиот музички критичар Џулиус Корнголд, никогаш не се помирил со тоа – сметал дека пишувањето музика за филм е губење време. Иако за Корнголд пишувањето филмска музика било сериозна работа, и самиот тој се плашел дека неговата музика ќе биде заборавена заедно со филмовите за кои била напишана.

Концертот за виолина и оркестар во себе инкорпорира неколку главни теми од повеќе филмови, и на тој начин Корнголд успеал да им даде живот и надвор од филмското платно. Концертот, секако не е крпеница од филмски теми – Корнголд ги преработил мелодиите и им дал целосна симфониска структура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот