Младиот Амир на средба кај Шаќири: Ниедна животна препрека не може да те спречи во желбата да успееш

Јетон Шаќири на средба со младиот Амир Дестанов/ Фото Јетон Шаќири Фејсбук

Министерот за образование Јетон Шаќири на својот Фејсбук профил објави дека се сретнал со 14-годишниот Амир Дестанов од ОУ„Браќа Рамиз Хамид“, осмооделенецот кој постигнува фантастични резултати по математика.

И покрај тешкото детство, Амир успева да стекне основни знаења за математиката, да ја засака и упорно да навлегува во нејзините тајни, за сега и на натпревари со врсниците, да покаже дека е одличен во решавање математички проблеми, напиша на својот Фејсбук профил министерот Шаќири.

Шаќири пишува дека младиот Амир „покажа дека ниедна животна препрека не може да те спречи во желбата да успееш во тоа што го сакаш и во што ќе вложиш многу труд. Нам, како претставници на државата, ни останува да го поддржиме во неговата лична борба за повисоко образование и остварување на потенцијалите, што несомнено ги поседува“.

„Амир е наша гордост. Неговите резултати по математика се уште позначајни, затоа што нема исти услови за учење како другите деца. Амир, и другите талентирани деца, заслужуваат разбирање, внимание и целосна системска поддршка. Ние сме мала земја која треба да ги негува своите талентирани деца. Ова е посебно важно за надарените деца, кај кои семејната грижа ја нема или е недоволна, но затоа имаат цврста волја да ги надминат состојбите во кои се наоѓаат и да го постигнат максимумот од личните можности“ вели тој.

Од Министерството за образование и наука велат дека ќе продолжат да ги развиваат политиките за поддршка на талентираните ученици, преку обезбедување на нови и дополнителни можности за развој на нивниот потенцијал, покрај можностите кои и сега се достапни за стекнување на правото за користење на одредена категорија на стипендија и други парични надоместоци, можности за побрзо напредување и преминување од едно во друго одделение, поддршка преку покривање на трошоците за учество на меѓународни натпревари и олимпијади, можности за едукација во новоотворената Математичко – информатичка гимназија во Скопје, како и доделување средства преку Фондот за иновации и посебни програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации.

Запознајте го Амир, детето од улица кое освои трето место по математика на „Кенгур“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот