Млади од Северна Македонија ја посетија Софиската митрополија

Млади во посета на Софиската митрополија
Млади во посета на Софиската митрополија / Фото: МИА

Група македонски православни младинци од Кичевско ја посетија Софиската митрополија. Ги предводеа монаси и монахињи, духовни чеда на игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски Партениј, објави веб-страницата на Бугарската православна црква.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, младите учат црковно пеење во школата за црковно пеење во Кичево, под духовна грижа и водство на монахињите од манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста”.

Во салонот на Софиската митрополија гостите ги пречека епископот Белоградчишки Поликарп, викар на митрополитот Софиски и бугарски патријарх Неофит. Владиката Поликарп ги поздрави гостите од негово и од името на патријархот Неофит. Тие од своја страна го поздравија епископот со духовна песна за Рождеството Христово.

Епископот Поликарп ги благослови младите и ги замоли да му пренесат поздрав и почит на нивниот духовен отец, епископот Партениј, како и на сите монаси од Бигорскиот манастир и женските метоси на манастирот.

Гостите беа почестени со слатко, а сите добија торба со подарок, благослов од неговата светост патријархот Неофит.

Младите од Кичевско пред да дојдат во Софија беа на поклонение во Рилскиот манастир, каде што учествуваа на неделната света Литургија и беа пречекани од игуменот и монасите на манастирот. Во Софија ги посетија митрополитскиот храм „Света недела”, древната христијанска црква „Св. Софија”, руската црква „Св. Никола” изградена во 1914 година и патријаршискиот храм „Св. Александар Невски”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот