МКЦ: Онлајн промоција на резултатот од големиот европски проект „Конфронт“

Младинскиот културен центар (МКЦ) извести дека вечервa (7 април) ќе може да го погледнете резултатот на големиот европски проект „Конфронт“, мултидисциплинарен проект за културно одбележување на Првата светска војна.

Програмата на фејсбук-страницата на МКЦ ќе почне во 20 часот со краткиот филм „Хеј јут“ (Hey Youth) во режија на Кјара Катерина. Веднаш потоа, во 20.30 следува видеопремиера на концертот одржан во 2019 година во Толмин, Словенија, на кој настапуваат Мартина Баракоска и Јоана Ристеска, Коен Квинтин (Белгија), „NUMeROBe“ (Франција) и Само Вовк (Словенија).

Под палката на Белгиецот Матајс Бертел (Ansatz Der Maschine), осум млади белгиски, француски, словенечки и македонски поп и рок-музичари и визуелни уметници создадоа дела во кои музиката и сликите се неразделиво поврзани. Разните емоции што го придружуваат бегството од конфликтот се истражени во десет движења. Историски материјали буквално влегуваат во делата.

„Конфронт“ суптилно испреплетува снимки од фронтот, архивски материјали, анимација и видео во една прекрасна целина, чија музика може да биде етикетирана како пост-рок, електронска, неокласична и филмска. Визуелни уметници се Ајлин Рејнс (Белгија), Луп Бластер (Франција) и Нели Мараж (Словенија).

– Проектот „Конфронт“ е и прекуграничен и пионерски. Границите исчезнуваат, жанровите се стопуваат, индивидуалните приказни од минатото и сегашноста се кристализираат во една болна универзална реалност. Историјата и понатаму немилосрдно крчка, тоа што беше навидум исчезнато засекогаш, може повторно да стане важно тековно прашање, потенцираат од МКЦ.

Проектот е копродукција на „Ле гранд микс“ (Le Grand Mix) од Франција, „Мјузиек клуб 4АД“ (Muziekclub 4AD) од Белгија, „Пат на мирот“ (Pot miru/The Walk of Peace) од Словенија и МКЦ од Северна Македонија. Копродукцијата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ во рамките на Европската година на културното наследство 2018 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот