Мицкоски до Заев: Види дали ќе не прекршиш или ќе бидеш прекршен - Слободен печат
ВестиМакедонија

Мицкоски до Заев: Види дали ќе не прекршиш или ќе бидеш прекршен

Тој порача дека до победата ќе се дојде еден до друг, обединети, во коалиција со народот.

На овие избори ќе победат Македонија и Гордана Силјановска Давкова, заедно со народот. Велеше не распишувал предвремени избори затоа што ќе не прекршел. Види дали ќе не прекршиш или ќе бидеш прекршен. Крајот ќе дојде на предвремените избори, господине Заев, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг на опозицијата во Скопје.

– Македонија е разбудена, Македонија е на нозе во сите градови и села, сите маала, улици, сите населени места. Oд Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево, цело Скопје, верното Ѓорче Петров, мојот роден Карпош, Центар, Чаир, Аеродром, тврдокорната Гази Баба, Бутел, секогаш бунтовната Кисела Вода, непобедливите Илинден, Петровец, Сопиште. Тука е Штип, велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Радовиш, Гостивар, Тетово, Битола, Кичево, Куманово, цела Македонија е тука и подготвена е да победи. Македонија ја носи промената, промената која ќе донесе правда над неправдите, ќе донесе надеж поразувајќи ја безнадежноста – рече Мицкоски.

Тој порача дека до победата ќе се дојде еден до друг, обединети, во коалиција со народот.

-Пред помалку од една година, на мојот прв голем митинг како претседател на најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, одовде порачав дека не знам дали ќе успеам или не, но дека е важно секој еден од вас да верува во себе. Речиси една година потоа еве ме овде пред вас стојам и го имам одговорот. Вие вечерва ми помогнавте, успеавме заедно драги браќа и сестри. Успеавме затоа што верувате во себе и знаете дека овие избори се шанса да се избориме, за нас, за вас, за вашите деца, за вашите пријатели, за заедничката иднина и надеж. Ова е борбата за нашата земја. Затоа што не наведнавме глава кога беше најтешко, а тогаш човек минува низ страдања и искушенија кои се кршат на неговиот грб, но ние Македонците имаме пркост која победува неправди големи како планини, но и љубов кон нашата татковина поголема од се друго. Таа љубов нè исправа на правиот пат колку и тој да е тежок, колку и да каллив и темен. А ние ја имаме таа судбина одново и одново да ги преживуваме сите тешки бремиња опишани од нашите големи имиња од минатото, рече тој.

Мицкоски посочи дека „овој тежок живот денес го живее секој еден човек“.

– Поминав илјадници километри низ нашата земја, не сретнав човек кој се пофали, човек кој рече добро живеам, зошто живот откако дојдоа овие овде нема. Животот кој го ветија, пекол се претвори. Пред извесно вре,бев во Свети Николе, дојде една старица од едно Светиниколско село, ми вели знаеш синко нашето село секогаш било напаѓано во минатото од многу војски, нашите никогаш немаа шанса да победат, ама се бореа, пукаа, некогаш и гинеа, ама даваа отпор, затоа што знаеја дека ќе чукне часот, ќе дојде денот кој ќе ја донесе слободата, и тој ден не е само победа на тие кои ја извојуваа, туку сите генерации кои во минатото се бореа за неа. Да дојде подобро, да дојде доброто во Македонија и да го победи ова секојдневие што е злото. Драги пријатели, чукна часот, дојде денот, мигот кога секој од вас треба да ги преземе работите во своите раце, да излезе и да гласа, да гласа за својот дом, за своето семејство, за заедничката иднина. Македонија овој пат се брани со гласачко ливче, на 21 април, а потоа и на 5 мај – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ..

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close