Митреска: Монетарната политика е еден од столбовите на закрепнување на економијата

Ана Митреска
Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска / Фото: Народна банка на Република Северна Македонија

Mерките и политиките спроведени од страна на Народната банка, како и централните банки воопшто, ги дадоа посакуваните резултати во ублажувањето на ефектите од корона-кризата. И покрај пандемијата, кредитната активност во земјава и натаму расте, a непречениот пристап до капитал на меѓународните пазари овозможи зајакнување на девизните резерви и финансирање на антикризните мерки, оценува вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска.

Во својата презентација на „Меѓународната економска летна школа” – „Направи разлика: Научете како да го процените економското влијание на пандемијата од ковид-19″, организирана од Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Митреска посочи дека од самиот почеток на корона кризата, централните банки и Народната банка ја олабавиле монетарната политика намалувајќи ја каматната стапка и обезбедувајќи дополнителна ликвидност за стимулирање на економската активност.

– Покрај вообичаените инструменти за олабавување на монетарната политика, некои од централните банки на економиите во развој спроведоа и програми за зголемување на активата од државни и корпоративни хартии од вредност, нагласи вицегувернерката Митреска.

Оцени дека спроведените политики ги дале посакуваните резултати – пристапот до капитал за земјава и регионот е непречен, отворајќи простор за делување преку фискалната политика, додека кредитирањето во земјава расте и ја стимулира економската активност.

‒ Ефективноста на централните банки и поддршката што ја обезбедија беа едни од носечките столбови во економското закрепнување и ублажување на ефектите од кризата врз економијата. Ако банкарскиот сектор беше еден од главните извори од каде што потекна светската финансиска криза, сега тој е еден од главните фактори за постпандемиско закрепнување, посочи Митреска.

Глобалната финансиска криза, според Митреска, придонела за преосмислување на глобалната финансиска регулаторна архитектура, со нови стандарди, алатки и практики за поголема претпазливост. Оттаму, рече Митреска, банкарскиот сектор и во земјава и воопшто, ја дочека кризата стабилен и во добра форма, којашто дури и зајакна за време на пандемијата.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот