Митко Зафировски – разговарав со другарите на Гоце Делчев – Слободен печат
Колумни

Митко Зафировски – разговарав со другарите на Гоце Делчев

Нашиот познат општественик, публицист и културен деец Митко Зафировски (1907-1973), има објавено посебно занимливи разговори со другарите на Гоце Делчев, и тоа лично со: Туше Деливанов, Михаил Герџиков и Михаил Чаков, интервјуа кои Зафировски ги правел по повод 35-годишнината од смртта на Гоце Делчев.

Честопати неоправдано забораваме многу детали од нашата историја кои се битни за нас, а кои задираат во областа на историската наука или публицистика. Тие аспекти се посебно интересни, како во времето кога биле објавени, така и денес. Нашиот познат општественик, публицист и културен деец со исклучителни заслуги во многу домени, Митко Зафировски (1907-1973), има објавено посебно занимливи разговори со другарите на Гоце Делчев, и тоа лично со: Туше Деливанов, Михаил Герџиков и Михаил Чаков. Тоа се всушност интервјуа кои Зафировски ги правел со нив додека живеел во емиграција во Софија, по повод 35-годишнината од смртта на Гоце Делчев.

Она што е битно за нас Македонците е податокот дека овие разговори се објавени во весникот „Гоце“, во кој Зафировски бил еден од уредниците во 1938 година. Статијата е печатена под псевдонимот Д. Григоров, а тоа е единствениот број на весникот што излегол. Статијата подоцна е препечатена во книгата на Митко Зафировски под наслов „Тие години“, Скопје, 1983 год.

Поминало време, другарите на Делчев постојано се гледале во кафеаната „Средец“ во Софија, каде што Зафировски ги наоѓал и ги интервјуирал. Некои од нив го канеле на разговор и во своите домови. Еве делови од тие разговори онака како што ги забележал нивниот автор.

Зафировски најпрвин го запрашал Деливанов, од кога се познава со Гоце Делчев: „Уште од дете – како кукушанец“, одговара Деливанов. „Пријателство создадовме во Софија, за време на училишниот распуст 1894 година. Во тоа време, тој беше уште кадет. Нашата прва средба, во Софија, беше, откако него го беа ослободиле од затвор како социјалист.“

Деливанов посочува дека Делчев е незадоволен од условите во касарната и револтирано му рекол на Деливанов: „Остана уште малку… А и онака мојата дисциплина е лоша. Не можам веќе да издржам“… „Беше решил да отпатува во Македонија. По неколку разговори со него, и јас решив да се вратам во Македонија.“

На прашањето: „Што беше, според вас, Гоце Делчев за македонското револуционерно движење“, Деливанов вели: „Гоце беше најсаканиот од сите во македонското револуционерно движење… Тој беше несопирлив… Штом ќе се собереа парични средства, веднаш се купуваше оружје. Но, многу тешко го набавувавме. Во 1902 година, по откупот од Мис Стон, откаде што се зедоа 14.500 турски лири, организацијата купи два вагона барут, 25 лева килограм. Но, бугарските царински власти, кога беше внесено во Бугарија, го открија и го конфискуваа… Гоце многу се грижеше за вооружувањето на народот во Македонија. Врховизмот беше започнал силно да ја провоцира внатрешноста“. На прашањето дали принципите што ги бранеше Г. Делчев треба да бидат продолжени од македонскиот народ, Деливанов децидно одговара: „Тоа е единствениот пат што може да ѝ ја даде на Македонија слободата. Мојата длабока вера за ослободувањето на Македонија е само во патот на Гоце“.

Понатаму, во второто интервју, едно од прашањата до Михаил Герџиков од страна на Зафировски гласи: „Како активен учесник во македонското ослободително движење и близок пријател на Гоце Делчев, кажете ни што беше Гоце за револуционерното движење во Македонија и Одринско“. Герџиков одговара: „За македонското револуционерно движење Гоце Делчев беше тоа што за бугарското беше Левски, а за италијанското – Мацини. Но, тој беше и нешто друго: свеста на македонскиот револуционер“. Прашање: „Зошто Гоце Делчев бил против планираното востание од Гаврановци за пролетта на 1903 година?“.

Одговор од Герџиков: „Како што се знае, востанието не можеше да биде цел на Македонско-одринската револуционерна организација, туку едно од неговите средства – и тоа најпоследното – за добивање слобода на угнетените… Востанието претпоставува моќна организација, здрава, психолошки подготвена, претпоставува целосно наоружување на населението, поволни политички услови… сите овие претпоставки за едно востание недостасуваа… Гоце го гледаше сето тоа и сфаќаше многу добро кој можеше да има интерес од едно прерано масовно востание што неминовно ќе биде осудено на неуспех и со тоа ќе ја разниша организацијата… И затоа Гоце беше против востанието. Последниве настани покажаа дека тој беше во право“.

За тоа како се одразила смртта на Гоце Делчев врз револуционерниот кадар, Герџиков вели: „Смртта на Гоце ја почувствуваа силно сите членови на сета наша организација. Свеста исчезна и тоа се одрази многу врз лабилните карактери“. Понатаму Герџиков зборува за „луѓето што беа дојдени однадвор со одредени инструкции што им беа дадени од средини туѓи на револуционерното движење. И смртта на Гоце им помогна многу на овие туѓи агенти да ја уценат волјата на еден несреќен народ“.

Третиот другар на Делчев со кој Зафировски води разговор е Михаил Чаков, живиот сведок на Гоцевата смрт во селото Баница, во кое бил дојден и Димо Хаџи Димов за да се сретне со Гоце. Тој дава опис на драматичната и трагична смрт на Делчев, кој пронижан од непријателскиот куршум, „падна на своите очи како над гробот на Македонија“. Во неговото кажување се открива импресивна слика на ликот на Делчев, за „огнот што во мене го запали Гоце“, што најмногу придонело Чаков да се приклучи на револуционерното дело. На прашањето на Зафировски, „Дали не ја загубивте верата во патот што го остави Гоце за ослободувањето на Македонија“, тој одговара: „Не само што ја немам изгубено, но сега, по настаните, што се случија во 35 години, уште повеќе верувам“.

Сето ова е објавено во 1938 година.

Втората светска војна е на прагот, во 1941 година Митко Зафировски се враќа во Македонија, започнуваат да никнуваат партизански единици и одреди, некои од нив го носат името – „Гоце Делчев“. Се развива борба за ослободување на Македонецот токму во духот за кој се залагаше Делчев, со сопствени сили и самосвоен пат, на кои постојано укажуваа и неговите тројца другари, и не само тие.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close